Лазаров прозиваше, сениорите се на собир

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ја имаше првата прозивка и означи старт на неделата на ЕХФ. Овој период е резервиран за репрезентациите што играат две квалификациски кола за пласман на СП. 
Македонија поради добриот настап на ЕП 2026 не е меѓу нив и периодот во кој 16 репрезентации ќе се борат за место во Плејоф, ќе го искористи за одржување на формата, тестирање на нови ракометари, шанса за поголема минутажа на дел од играчите и можеби прв увид во тимот во кој нема да бидат повозрасните ракометари. 

Македонската репрезентација почнува со тренинзи во Скопје, а главниот тест ќе го има во сабота во Брегенц, каде што ќе игра пријателски натпревар против соодветната репрезентација на Австрија. 

„Неделата на ЕХФ ќе ја искористиме за да пробаме некои работи што можеби ќе ги користиме понатаму во баражот, да им дадеме шанса на некои играчи. Играме со квалитетен противник, репрезентација на Австрија, гостински терен. Ова е екипа што на силни репрезентации им направи проблеми и ќе биде вистински тест за нашиот тим. Репрезентацијата мора секој слободен момент да користи и да биде на собир и од базата на играчи да внесуваме нови ракометари“, изјави селекторот Кирил Лазаров. 


Меѓу репрезентациите, пак, што ќе играат две квалификациски кола е и идниот противник на Македонија во финалниот бараж за пласман на ЕП. Дали ќе биде тоа Украина или Словачка, ќе дознаеме откако ќе ги комплетираат двата дуела. Првиот е утре, се игра на неутрален терен во Германија, а домаќин на средбата е Украина. 

Поврзани вести