Лазаров: Поголема минутажа за репрезентативците пред баражот за СП

Македонската сениорска репрезентација и со изменет состав го положи испитот на гостувањето во Австрија каде што, исто како и на мундијалот во Хрватска, одигра нерешено против репрезентацијата на Австрија на меч одигран во Брегенц.
И на гостински терен каде што ветерот дуваше во грб на домашната репрезентација, Македонија имаше водство од четири гола разлика во второто полувреме, одигра меч со драматичен финиш во кој го спречи обидот за комплетен пресврт на домашните и средбата заврши без победник.
Селекторот Кирил Лазаров е задоволен од перформансот на својот избран тим и сега фокусот го насочува кон вистинскиот противник, а тоа најверојатно ќе биде репрезентацијата на Словачка.

„Честитки до момците. Го дадоа максимумот од своите можности во пријателски натпревар против сериозна селекција како Австрија која неодамна ја елиминираше Србија на Европското првенство. Иако имавме плус четири во 46 минута, сепак сум презадоволен од прикажаното. Играчи што имаат мала минутажа во своите клубови покажаа карактер и борба.
Треба многу внимателно да влеземе во бараж дуелот за Светското првенство. Се надевам ќе го дочекаме во добра кондиција и ентузијазам за борба за ново учество на Македонија на Светско првенство. Очекувам поголема минутажа на сите репрезентативци во своите клубови во периодот што следува за доброто на македонскиот ракомет“, ни изјави Кирил Лазаров. 


Македонија денеска ќе го дознае името на противникот за Светското првенство, од 13:00 часот во Бистрица, репрезентацијата на Словачка ќе брани три гола предност на домашен терен против Украина.

Поврзани вести