Македонија денеска на дуел со Австрија

Натпреварот почнува во 18:00 часот, директен ТВ пренос е најавен на австриската телевизија „ORF Sport +“.

Македонската сениорска репрезентација денеска ќе го одигра единствениот контролен натпревар предвиден за тековната „Недела на ЕХФ“, период во кој дел од репрезентациите играат квалификациски баражи за пласман на СП, а другите слободниот термин го користат за контролни натпревари и подготовки за решавачките квалификации што ќе се играат во мај.

Македонскиот тим е во Австрија, селекторот сакаше на гостински терен да бидат неговите избрани ракометари на овие подготовки затоа што и првиот меч од баражот со Словачка или Украина ќе го играат како гости.

Австрија безмалку со првиот состав ќе настапи денеска што подразбира дека во тимот ќе бидат Билик, Мостл, Вагнер... И нивниот селектор, Икер Ромеро ќе одмори понекој ветеран како Јанко Божовиќ на пример, но нивната генерациска смена веќе е извршена, така што пред Македонија ќе биде тим што е и посилен од тој против кого игравме во Вараждин во јануари пред една година.

Кирил Лазаров, впрочем како и сите други селектори што не играат официјални натпревари за овој дуел повика и неколку нови ракометари кои ќе добијат шанса да покажат колку ќе може да се смета на нив и во иднина, поконкретно во блиска иднина.

Поврзани вести