Photo: GRK Ohrid
Во исчекување на промоцијата на унгарскиот десен бек Доминик Мате, потврда или демант за можниот трансфер на Никола Зечевиќ и други планирани засилувања, од ГРК Охрид денеска убава информација, потврда за доаѓањето на хрватскиот репрезентативен голман Дино Славиќ.
Хрватскиот репрезентативен голман Дино Славиќ (33 години, 185 см) ќе го носи дресот со бр.12 најмалку две сезони. Дино Славиќ доаѓа од француската екипа Лимож каде што успешно настапуваше минативе три сезони. Претходно во својата кариера има настапувано и за екипите на Загреб од Хрватска и шпанскиот клуб Адемар Леон.
За репрезентацијата на Хрватска настапи на Европското првенство што во јануари се одржа во Данска, Шведска и Норвешка и го освои бронзениот медал.
„Сметам дека Охрид е еден добар проект, разговарав многу околу тоа со играчите и управата. Имав и неколку други понуди, но се одлучив за Охрид, затоа што резултатите се сѐ подобри од година во година, а клубот напредува. Слушнав се најдобро за Охрид како клуб и за градот како место за живот. Среќен сум што доаѓам тука и се надевам дека ќе му помогнам на клубот да ги исполни сите амбиции што ги има. Македонската лига од година во година е сѐ подобра, ќе се натпреваруваме и во Европа и тоа ќе биде дополнителен мотив“, изјави Дино Славиќ.
Дино Славиќ ќе дојде на местото на Кристијан Пилиповиќ кој по оваа сезона заминува од екипата и ќе се пресели во тимот на Криенс Луцерн, екипа во која пристигнува и Никола Билик од Кил, а тренер следната сезона ќе им биде актуелниот селектор на Швајцарија, Анди Шмит.