ГРК Охрид денеска пишува историја

Фото: ГРК Охрид

Во амбиент во кој билет нема ни за лек, со пет гола предност остварена во Атина, екипата на ГРК Охрид денеска ќе го пречека грчки Олимпијакос во реванш меч за пласман во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп. 

Имајќи предвид како изгледаше мечот во Атина и како се претставија Грците на тој натпревар, очекуваме сигурен пласман на македонскиот тим меѓу четирите најдобри екипи во ова натпреварување и атак на победничкиот пехар кој веќе е во Македонија. 

Со пласман во полуфиналето, ГРК Охрид ќе обезбеди меч со словенечкиот Целје, а денеска на голем испит ќе биде и првиот фаворит во натпреварувањето, унгарската Татабања за која игра и македонскиот ракометар Филип Талески. Татабања едвај избори реми на домашен терен со турскиот тим Бурса Нилуфер и доколку Турците успеат да го комплетираат двобојот со пласман во полуфиналето, шампионскиот пехар би бил уште поблиску до охриѓани. 

Натпреварот меѓу ГРК Охрид и Олимпијакос ќе почне во 18:00 часот и ќе биде директно пренесуван на МТВ - 3. 

Поврзани вести