Вечерва со почеток од 19:30 часот во скопската сала „Автокоманда“ ќе се одигра последниот натпревар од 27 коло во суперлигашкиот Плејоф. Тоа е последен меч од првиот круг од разигрувањето, а гостин на Алкалоид ќе биде екипата на Еурофарм Пелистер.
Најважното прашање во Плејоф лигата е речиси одговорено. Вардар 1961 во теорија го делат две победи, во пракса можеби и само една за освојување на шампионскиот пехар, а до крајот на првенството ќе игра и со Бутел Скопје и со ГРК Тиквеш и само е прашање на време кога ќе биде прогласен за нов првак.
Што се однесува, пак, до битката за позициите два и три, речиси рамноправни шанси имаат екипите на Охрид, Е. Пелистер и Алкалоид. Сите комбинации се отворени, затоа што покрај вечерашниот меч треба уште еднаш сите да играат со секого, вклучително и со Вардар 1961.
За трите ривали што конкурираат за второто место, секој бод може да биде решавачки, ќе мора да внимаваат и на гол разликата затоа што не е исклучено на крајот и таа да игра улога во составувањето на конечната табела.
Сите три екипи имаат запишано играчи во здравствен билтен, а распоредот допрва ќе се згусне особено за Вардар и Охрид, а и првенството двапати ќе биде „пресечено“. Првиот пат следната недела кога ќе се игра Ф4 од Куп на Македонија, а вториот пат во мај кога репрезентацијата ќе ги игра баражите со Словачка за пласман на СП 2027.
ПЛЕЈОФ ТАБЕЛА
1. Вардар 1961 (52 бода), 2. ГРК Охрид (44), 3. Е. Пелистер* (42), 4. Алкалоид* (40), 5. ГРК Тиквеш (24), 6. Бутел Скопје (22)
*Екипите на Е. Пелистер и Алкалоид имаат еден натпревар помалку.