Охриѓани чекор поблиску до вицешампионска позиција

РК АЛКАЛОИД - ГРК ОХРИД  26-27 (12-17)
Сала: Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Тордарсон 3, Маркоски 1, Карасманакис, Стојковиќ 3, М. Митев 1, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Ненад Костески 4, Петковски, Д. Митев 5, Борзаш 4, Аларов, Николов
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 4 мин.
ГРК ОХРИД: Пилиповиќ, Блажески, Ојлески 2, Јагуриноски 2, Иванковиќ 4, Кукуловски 2, Јасухира 7, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 1, Љапис 1, Бојаниќ, Ѓукиќ 3, Ќосевски 2, Прибетиќ 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања:  6 мин. 

Екипата на ГРК Охрид направи голем, можеби решавачки чекор за освојување на второто место во Суперлигата, откако попладенево во Автокоманда успеа да слави победа над Алкалоид и да му избега два бода на сега третопласираниот Е. Пелистер кој во четврток во последниот меч од тековното коло ќе игра на гости кај Вардар 1961.

Охриѓани се во подобар натпреварувачки ритам, а натпреварите од ЕХФ Куп во нивниот случај воопшто не се хендикеп поради замор, туку предност во поради држење на натпреварувачки ритам, тензија... 
За РК Алкалоид се чини сезоната беше пресечена со загубениот меч од Е. Пелистер дома, но добро и за клубот, а особено за репрезентацијата е што попладнево по неколку недели пауза во игра се вратија двајца репрезентативци - Игор Ѓоргиев и Марко Митев. Имаа помала минутажа од вообичаено и беа ротирани повеќе, но го издржаа натпреварот и сега ќе имаат седум дена да се подготват за настапот на репрезентацијата. 

Резултатски, Алкалоид по десетина минути игра поведе со 6-3, 7-4 и имаше напад за плус четири. Несмасно фрлена топка во транзиција место плус четири донесе враќање во игра на противникот и тоа беше моментот кога се смени односот на силите на теренот.
Неколку врзани технички грешки во нападот на домашниот тим, комплетно ги вратија охриѓани во игра. Гостите влегоа во ритам и почнаа да постигнуваат полесни голови. Јасухира го диригираше нивниот напад, а Пилиповиќ ја направи разликата во одбрана и Охрид на полувреме замина со високи плус пет (17-12).

Во второто полувреме Алкалоид намали на три гола негатива, но тука и застана. Секој обид дополнително да се доближи завршуваше со техничка грешка или одбрана на Пилиповиќ и така беше сѐ до последната минута. 
На минута и пол до крајот, при резултат 24-26, седмерец досуден за Охрид по гледање на снимка беше крајот на резултатската неизвесност. 
Алкалоид во последната минута стигна до 26-27, но Охрид имаше посед на топка, а време имаше премалку за се случи пресврт и натпреварот заврши со минимална победа на гостинскиот состав. 





 

Поврзани вести