Заврши евро сезоната за Вардар

ВАРДАР 1961 - МОНПЕЉЕ 27-24 (17-12)
Малус 6, Хориха 4, Силва 4, Воркапиќ 4 - Плантан 5, Ришер 5, Вилмино 5

Екипата на Вардар 1961 е елиминирана во 1/4 финалето од ЕХФ Европската лига. Екипата на Монпеље беше вкупно подобра во двомечот и ќе игра на Фајналфор турнирот во Хамбург заедно со екипите на Флензбург, Мелзунген и Кил. 

Секоја чест за пристапот, борбеноста и сѐ што покажаа вардаровите ракометари на денешниот натпревар, но разликата од 10 гола од првиот меч беше преголема. Чесно простување со Европа, на моменти се почувствува и атмосферата од славните 2017 и 2019 година, но овој тим во овој момент го достигна својот максимум. 

Почнаа одлично црвено-црните, носени од публиката и еуфоријата на теренот успеаја да анулираат пола од негативата за само 20 минути игра (12-7). 
Следуваше момент што го одбележа мечот. Урош Митровиќ во еден старт го нокаутираше Валентан Порт и доби директен црвен картон. Од тој момент и двата тима останаа без десни бекови, затоа што и Порт веќе не влезе во игра. 
Но, страста на теренот ги разбуди и Французите и тука запре походот на Вардар. Со головите на Ришер и Вилмино се вратија на минус три гостите и ја запреа офанизвата. Сепак, на полувреме беше плус пет за црвено-црните и сцената беше наместена за финалните 30 минути. 

По 36 минути игра Вардар имаше максимално седум гола разлика (20-13) и сѐ изгледаше можно. Но, останаа ладнокрвни гостите. Тренерот на Монпеље, Доминик Мате не ги истроши сите сили и адути. Ротираа и чекаа Вардар да почне да паѓа во ритамот. 
И тоа се случи по 40 минута. Продорите на Малус и шутевите од надворешната линија веќе не беа толку интензивни и презицни. Се разбуди и голманот Реми Десбоне, нагло почна да ја поправа својата статистика, а водството од седум се стопи на четири - три гола разлика. 
Времето почна да работи во корист на Французите, веќе немаше енергија во Вардар што ќе го повлече толку многу напред и конечно средбата заврши со победа од само три гола разлика. 

 

Поврзани вести