Лазаров: Секој гол е важен, особено на гости

Три дена остануваат до првиот бараж натпревар на репрезентацијата на Македонија за пласман на СП 2027. Нашиот најдобар тим ќе игра двомеч со репрезентацијата на Словачка, вкупниот победник ќе оди на јубилејното 30. Светско првенство.
Нашиот тим се подготвува во Скопје. Селекторот и неговиот тим имаат сѐ под контрола и сега останува само да се искористат најдобро овие неколку дена и да се продолжи успешната приказна.

Кирил Лазаров го најави овој двомеч со оптимизам и задолжителната внимателност.

Знаеме дека овие натпревари се играат под голем притисок поради важноста за пласман. Ја респектираме Словачка, повеќе години функционира заедно со селектор кој доаѓа од Шпанија, земја која ги дава најдобрите тренери во сите спортови. Имаат изграден систем, немаат поединци да се истакнат, ама како тим функционираат добро. Нема да биде воопшто лесно, свесни сме за тоа.
Од минатиот бараж со Фарски Острови мора да ја научиме лекцијата дека секој гол е важен, особено на гостински терен. Мора да бидеме максимално сконцентрирани и дисциплинирани, да имаме добар ритам во сите 60 минути.
Го одбраа Прешов како домаќин кој е познат град за ракометот, публиката знае да направи атмосфера. Сигурно ќе биде полна сала, па како што ние гледаме свои шанси, тие може да се пофалат дека од првиот шешир го добиле најпосакуваниот ривал избегнувајќи ги Франција, Шпанија...
Националниот тим е светост, сите национални селекции се светост. Треба да ги почитуваме нив, но и играчите кои доаѓаат да го бранат националниот дрес. Првата задача ни е Прешов, каде што очекувам цврст и физички натпревар со многу прекини. Потоа на реваншот во Скопје очекувам максимална поддршка и полни трибини во СЦ „Борис Трајковски““, изјави селекторот на Македонија.

Поврзани вести