Photo: Felix Walker
СЛОВАЧКА - МАКЕДОНИЈА 24-31 (13-18)
Македонија: Томовски (13 одб), Митревски, Велковски, Ѓоргиев, Митев 3, Карасманакис, Кузмановски 10, Костески 3, Петковски 1, Ристевски 2, Јагуриновски, Лазаревски 7, Џонов 1, Петар Атанасијевиќ 2, Павле Атанасијевиќ 1
Репрезентацијата на Македонија е со едната нога на Светското првенство што во јануари следната година ќе се одржи во Германија.
На првиот бараж натпревар против Словачка, што македонската репрезентација го играше како гостин, нашиот тим запиша убедлива победа од седум гола разлика (31-24) и реваншот во Скопје би требало да биде само формалност за верификација на пласманот на Македонија на СП.
Вечерва во Прешов, Македонија подобро отвори, поведе со 2-0 и уште по воведните напади можеше да се види разлика во квалитет меѓу двете репрезентации. Но, македонските ракометари утнаа три зицери од типот „очи во очи“ со голман во рамки на две минути, па место натпреварот да биде прекршен уште „непочнат“, средбата доби ритам на игра гол за гол.
Но, не можеше да трае таквиот баланс. Како минуваше времето, Македонија ја подобри реализацијата, одбраната си беше на доволно добро ниво и разликата почна да расте.
На полувреме, Македонија водеше 18-13. Филип Кузмановски беше во главната улога во првите 15 минути, потоа Лазаревски стана најголемиот проблем за Словаците...
Во второто полувреме Македонија контролираше сѐ на теренот. Предноста порасна на седум голови, а мечот беше таков што селекторот Лазаров им даде шанса на повеќе ракометари, а имаше можност и да тестира некои комбинации. Резултатот не трпеше, средбата немаше исцрпувачки ритам, а има и резервни сили за мечот во Скопје селекторот.
Мартин Томовски имаше добра партија и симна неколку удари што комплетно ги оладија домашните, кои не ни тргнаа во потера за да ја намалат негативата. Нивниот ритам беше доволен за да не се одлепи Македонија на двоцифрена разлика.
Реваншот е во недела во Скопје, во салата „Борис Трајковски“ со почеток од 19:00 часот.