Денеска е голем ден, Македонија игра за пласман на Светско првенство

Денеска е голем ден за македонскиот репрезентативен ракомет. Машката репрезентација, нашиот најдобар спортски колектив игра за пласман на 30. Светско првенство, десетто за Македонија, осмо по ред.

Македонија е на прагот на нов мундијал, има седум гола предност од првиот натпревар, има домашен терен и противник што, не би требало да го загрози пласманот на избраните ракометари на Кирил Лазаров.

Внимателноста почитта кон спортот и противникот не смеат да се занемарат. Тоа е лекција што се повторувала повеќепати низ историјата, а речиси и да нема играч во нашиот тим што не почувствувал на своја кожа како завршува приказната ако не се придржува кон непишаните правила.
Оттука веруваме дека ќе преовлада професионализмот и „флоскулата“ деке не е завршено додека сирената не означи крај на натпреварот.

Селекторот Кирил Лазаров со две измени во составот во однос на натпреварот што се играше во Словачка ќе го игра денешниот натпревар. Пикерот Марко Стојковиќ е во тимот, а не е Валентин Карасманакис и десниот бек Филип Николов е во екипата, а на трибините ќе остане Томислав Јагуриновски.
Тоа се измени што би требало да донесат извесни комбинации во играта што противникот не можеше да ги види и сними на првиот натпревар. Па иако во суштина играта нема фундаментално да се промени, селекторот ќе има некоја поразлична опција од претходниот натпревар.

Ракометната федерација на Македонија за денеска испланира дополнителни содржини за забава на гледачите. Тие ќе бидат организирани пред салата „Борис Трајковски“, во вид на фан зона налик на тие што се организираат во западните земји, а гледачите пред натпреварот ќе имаат неколку опции за забава.

Фан зоната пред салата ќе биде отворена во 14:00 часот, а натпреварот ќе почне во 19:00 часот.






 

Поврзани вести