Кандидатура за ЕП 2034 станува реалност

Реално ли е да очекуваме сениорско Европско првенство во машка конкуренција во Македонија? Двете сениорски во женска конкуренција одржани во Македонија покажаа дека тоа е голем и скап проект, но постојат реални шанси, Македонија да биде дел од организациско трио за Европско првенство.
Изборот на Бор Розман за (старо) нов претседател на Ракометниот сојуз на Словенија (РЗС) е чекор напред во оваа приказна. Македонија веќе имаше соработка со РЗС по водство на Розман во 2022 кога Словенија, Македонија и Црна Гора заеднички организираа ЕП.

Розман во својата програма најави кандидатура за добивање на организација на машко Европско првенство. Словенија сама, исто како и Македонија сама не би имала реални шанси да добие организација. Но, заедно и тоа не само Словенија и Македонија, туку и Србија е поинаква приказна.
Ова беше скромно најавено, но дознаваме дека сега чекорите стануваат конкретни. РФМ заедно со Словенија и Србија во септември би требало да поднесат кандидатура за организација на ЕП 2034 и официјално да влезат во трката за организацијата на тоа првенство.

Имајќи предвид дека Германија беше во 2024, Данска/Шведска/Норвешка организираа во 2026, Шпанија, Португалија и Швајцарија ќе организираат во 2028, Чешка, Полска и Данска во 2030, Германија и Франција во 2032, реално малку ривали би имале без да се повторуваат домаќини. Тоа не е решавачки фактор, но не е ниту за занемарување. На трите потенцијални домаќини е да подготват атрактивна презентација и понуда и да почнат да лобираат.
Во Скопје би се играле две групи од Прелиминарниот дел, веројатно и уште нешто плус. Генерално инфраструктурно не би требало да има поголеми проблеми, особено што белградската арена би била резервирана за финалниот викенд.

Поврзани вести