МАКЕДОНИЈА - ЛЕТОНИЈА 35-31 (16-13)
Лазов 9, Ѓоргиевски 8, Гурмешевиќ 6, Крстевски 5 - Калнинш 17, Борисовс 3
Македонската јуниорска репрезентација ја запиша првата победа на М20 Европското првенство што се игра во Романија.
Во петтиот натпревар македонската репрезентација силите ги одмеруваше со репрезентација на Летонија која во минатото коло изведе мини чудо и ја совлада селекцијата на Норвешка.
Македонскиот тим на оваа средба го издржа периодот на резултатски израмнета игра во првото полувреме и во финишот успеа од резултат 12-11, да стигне до предност од три гола (16-13).
На почетокот на второто полувреме македонскиот тим разликата ја зголеми на пет гола (19-14, 20-15) и тоа беше периодот во кој можеше да биде направен победничкиот исчекор, но нашите ракометари го загубија ритамот и Летонците стигнаа со израмнување во 43 мнута (21-21).
Уште еднаш нашиот тим го издржа периодот на израмента игра, а потоа од 24-24 со пет гола по ред на Лазов стигна до водство од 29-25 и конечно го прекрши натпреварот во своја корист и ја одржат предноста до конечните 35-31.
Мики Лазов постигна девет гола во победата на Македонија, осум погодоци реализираше Лука Ѓоргиевски, шест гола даде Христијан Гурмешевиќ, а пет пати прецизен беше Марин Крстевски.
Македонија славеше победа, но централната фигура на овој натпревар не беше од македонскиот состав. Ракометарот што на оваа ЕП ги засени и ѕвездите од типот Маркос Фис и Аљуш Анжиќ се вика Валдис Калнинш. Десниот бек на Летонија кој има само 18 години, на мечот со Македонија постигна 17 гола! Новиот играч на норвешкиот Елверум стигна до бројката од 61 гол на 5 натпревари или во просек нешто повеќе од 12 по меч.