Берлин до Цехте: Ќе те бараме пак

Словенечкиот бек Нејц Цехте мина една полусезона во Фуксе Берлин како замена за повредениот Фабијан Виде. Со новиот клуб стигна и до финалето на ЛШ пред да се врати во Македонија, но сега во редовите на скопски Алкалоид. Во Берлин се задоволни, особено нивниот дански тренер, Николеј Крикау, веројатно најзаслужниот за реализираниот трансфер.
Тренерот на берлинските лисици со посебна објава на свој профил испрати Словенецот за Скопје.

„Знаеш дека отсекогаш многу го ценев начинот на кој ја прифаќаш својата улога, твојата личност и твојата способност да му дадеш на тимот многу повеќе отколку што земаш од него – нешто што веќе го искусив кога бевме заедно во ГОГ. Затоа, немав никаква дилема дека те сакам во тимот кога Фаби се повреди“, изјави тренерот на Фуксе, Николaј Крикау, минатата недела на Инстаграм, во својата порака по повод заминувањето на Словенецот.

„Жртвуваше месеци поминати далеку од Ева и децата, а сепак беше тука секој ден, со истата посветеност и истата неверојатна лојалност, за да ја исполниш својата специфична задача“, рече Данецот и вети:
„Три титули и едно финале во Лигата на шампионите заедно во две сезони се потврда дека следниот пат повторно ќе те барам.“

Поврзани вести