Денеска е Алкалоид на сцена, гостува Партизан

Натпреварот ќе почне во 19:00 часот и директно ќе биде пренесуван на каналот ТВ Арена М3 Премиум со коментар на македонски јазик, на ТВ Арена Спорт 3 Премиум со коментар на српски јазик и на јутјуб каналот на Регионалната лига.


Алкалоид е последниот тим од големата четворка во македонскиот ракомет што ќе се појави на сцената во предсезоната. Денеска во Автокоманда со почеток од 19:00 часот, Алкалоид ќе го одигра својот прв натпревар од новоформираната Регионална лига, а гостин во Скопје ќе биде Партизан, речиси комплетно нова екипа со многу познати имиња предводени од Раул Гонзалез.

Досега имавме можност на дело да ги видиме ГРК Охрид, Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. Поточно имавме можност да видиме, тоа што сакаа да ни го покажат тренерите Борис Ројевиќ, Иван Чупиќ и Лино Червар. Покажаа доста работи, а доста работи останаа само за нив, па допрва ќе гледаме што имаат на ум и како ќе им играат екипите кога вистински ќе почнат да се бројат бодовите.
Нема сериозна причина и денеска да не биде исто. Регионалната лига во пилот сезоната засега нуди повеќе тренажно-воигрувачки предизвици отколку резултатско-натпреварувачки. Резултатите не се небитни, сите сакаат да победуваат, па ако се разгори битката ќе ги извадат ракавиците и Кирил Лазаров и Раул Гонзалез вечерва, пред веруваме полна сала.

Двата денешни ривали се своевидна енигма. Партизан имаше лошо претставување во Битола и тоа сигурно не минало незабележано во централата во Белград, па мотив плус за нив ќе биде поправка на впечатокот. Сигурно ќе бидат подобри отколку пред три дена, а можеби и различниот стил на игра повеќе ќе им одговара. Е. Пелистер ги изненади со седум на шест, Алкалоид игра различен тип на ракомет, а белграѓани се спремаат за трчање.
На таа тема зборуваше нивниот најдобар играч од првиот меч, пивотот Тобијас Вагнер.

„Алкалоид е сериозна екипа во која играат неколку репрезентативци на Македонија. Тоа е екипа што многу трча цел натпревар, брзо трчаат и ние мораме да бидеме спремни веднаш да се враќаме за да не им дозволиме лесни голови“, кратко анализираше Вагнер за клупските медија-профили.

Корпулентниот Тобијас Вагнер беше речиси незадржлив за битолската одбрана (10 гола), но во Скопје сезонава стигна 202 сантиметри високиот и 147 килограми тешкиот пивот Матиц Сухолежник и тој заедно со Марко Стојковиќ (199/115) и Валентин Карасманакис (195/108) ќе го пречекаат Вагнер на линијата. Нивниот дуел, ќе биде посебно уживеање да се гледа.

Денеска за Алкалоид ќе дебитираат и Нејц Цехте и Вуко Борозан, двајца добро познати ракометари чие искуство и квалитет треба да му ја олесни работата на Кирил Лазаров, а позитивно да влијаат и врз развојот на соиграчите во тимот.

Условите за да гледаме квалитетен ракомет се исполнети, веруваме дека актерите на теренот ќе ги оправдат очекувањата.