-
26.8.2026
-
Македонски ракомет
АЛКАЛОИД - ПАРТИЗАН 31-39 (15-17)
Белградски Партизан ги однесе бодовите од Автокоманда во првото соочување со Алкалоид во Регионалната лига. Партизан беше повеќе резултатски настроен, помалку ротираше, имаше подобра поддршка од голманите, а генерално одигра и многу подобар натпревар отколку пред три дена во Битола.
Уште една тактичка средба видовме во предсезоната во која не беа отворени сите карти. Кирил Лазаров за овој меч на трибината ги остави Матиц Сухолежник, Мартин Велковски, Аце Петковски и Валентин Карасманакис.
Натпреварот имаше убав брз ритам на почетокот, а се играше гол за гол со тоа што Алкалоид го диктираше резултатот. По 10 минути игра Партизан поведе (5-4) благодарение на неколку промашени зицери на Алкалоид или добри одбрани на голманот Чордалија.
Партизан искористи некои од грешките на домашниот состав и одбраните на Чордалија и поведе со 9-6 во 17 минута, по што Лазаров побара тајм аут и потоа ја изротира цела бековска линија.
Алкалоид пропушти контра напад за израмнување во 23 минута, не можеа да се пребројат со нереализираните шанси домашните и Партизан во 27 минута одново имаше плус три (15-12). На полувреме беше 15-17, откако гостинскиот голман уште еднаш спречи Алкалоид да се доближи од чиста позиција.
Партизан во вториот дел почна да игра седум на шест и тоа инстантно ќе ги чинеше губење на предноста, ако беа попрецизни домашните ракометари. Но, не се откажа шпанскиот тренер од својата тактика, па откако примија неколку гола на празна мрежа, во 37 минута на семафорот беше 21-21, а Раул бараше тајм аут.
Партизан го контролираше резултатот во следните минути и водеше со гол-два разлика. Оската Лумбросо - Вагнер добро функционираше и против Алкалоид, па во 46 минута Партизан го имаше највисокото водство (29-24).
На 10 минути до крајот беше 31:26, а Алкалоид беше со двајца играчи помалку во поле, прими уште еден гол на празна мрежа и веќе се надѕираше епилогот од овој натпревар.
До крајот немаше резултатски возбудувања, а гостите полека ја зголемија предноста во веќе добиениот натпревар.
Алкалоид поправен ќе има за два дена кога во Автокоманда ќе гостува екипата на Ловќен.