Денеска стартува новата сезона во Суперлигата

Со натпреварот меѓу екипите на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер 2 што е закажан да се игра денеска во Скопје, почнува 35. сезона во македонската машка ракометна Суперлига!
По повеќе од три децении од формирањето на националното првенство, најдобрите македонски клубови повторно влегуваат во битката за шампионската титула во која досега најуспешна е екипата на Вардар 1961 која има освоено 16 шампионски титули, пред екипата на Еурофарм Пелистер која има девет победнички пехари.

Вардар 1961 е главниот фаворит за победничкиот пехар и оваа сезона. Тренерот Иван Чупиќ има на располагање силен состав ориентиран кон исполнување на резултатските цели на клубот дома и во Лигата на шампионите. Тоа е тим во кој главниот збор го водат проверени интернационалци предводени од словенечкиот бек Јака Малус кој игра во извонредна форма уште од минатата сезона.
Нивниот денешен противник е екипата на Еурофарм Пелистер 2, екипа која е составена главно од македонски играчи и која сезонава, покрај нивната стретегија и традиција, ќе претставува и еден вид на продолжение на работата на нивниот нов тренер, Бранко Ангеловски почната во Алкалоид и Мулти Есенс. Битолчани летово ангажираа неколку играчи со кои Ангеловски соработуваше во Скопје и комбинирани со домашните таленти и едно странско засилување, ќе целат кон обезбедување на мирна сезона, со можност да се вклучат и во битката за влез во Плејоф.

Натпреварот почнува во 18:00 часот и ќе може да се следи на Јутјуб каналот на Ракометната федерација на Македонија.

СУПЕРЛИГА 1.КОЛО

ПЕТОК, 4 СЕПТЕМВРИ
18:00 ВАРДАР 1961 – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2

САБОТА, 5 СЕПТЕМВРИ
12:00 БУТЕЛ СКОПЈЕ – МЛАДОСТ
18:30 ПРИЛЕП – КУМАНОВО
18:30 АЛКАЛОИД – МУЛТИ ЕСЕНС

НЕДЕЛА, 6 СЕПТЕМВРИ
18:30 СТРУГА – ГРК ТИКВЕШ
19:00 ГРК ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР