Е. ПЕЛИСТЕР 2 ГО НАМАЧИ АЛКАЛОИД, НО БОДОВИТЕ ОДАТ ВО СКОПЈЕ

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – РК АЛКАЛОИД 27-31 (10-11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола Судии: Иван Илиевски и Александар Суко̀вски. Делегат: Игор Огненов
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2: Фехми, Младенов (4 одб), Димевски 7, Лозановски 1, Стојков 2, Митревски 2, Шулевски 2, Лазаревски, Илиески 2, Дамчевски, Симоновски 1, Славков, Крстевски, Дрогришки 1, Ѓорѓиевски, Симоновски 9
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (2 одб), Галевски (11 одб), Џонов 1, Тордарсон 3, Сухолежник, Стојковиќ 2, М. Митев 6, Ѓоргиев 4, Велковски, Цехте 3, Ненад Костески 5, Петковски 1, Д. Митев, Борзаш 2, Аларов 2, Борозан 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.

Неочекувано тешка задача имаше екипата на Алкалоид на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 во второто коло од Суперлигата. Домашниот состав беше резултатски рамноправен во текот на најголемиот дел од натпреварот, но бодовите сепак се запишани на салдото на гостинскиот состав, кој остана смирен пред притисокот во салата и ја запиша втората првенствена победа.

Резултатската контрола во првиот дел беше на страната на Алкалоид, но немаше капитална предност за гостинскиот состав. Малку голови имаше во првата третина од мечот, до 18. минута беше 6-6, а првиот поголем чекор скопските ракометари го направија кога со серија од 4-0 стигнаа до водство од 10-6.

Битолчани покажаа борбен дух, ги казнија неколкуте грешки на гостите и намалија на 8-10, потоа беше 9-11, а на полувреме се замина со само еден гол предност за РК Алкалоид – 11-10.

И почетокот на вториот дел донесе слична слика. Алкалоид поведуваше, домашниот состав одговараше, па во 34. минута стигна и израмнувањето (13-13). Потоа се играше гол за гол во следните неколку напади. РК Алкалоид поведуваше, Еурофарм Пелистер 2 израмнуваше.
Слично како и во првиот дел, по резултатот 16-16, РК Алкалоид направи серија од 4-0 и поведе со 20-16. Тоа се случи во 43. минута од натпреварот.

Домашниот состав играше со голема мотивација и борбеност, се обидуваше на разни начини, а во еден период се обиде и со 7 на 6, постојано држејќи го под притисок гостинскиот состав. Еурофарм Пелистер 2 во неколку наврати успеваше да намали на два гола негатива и да ја подгрее надежта кај домашните навивачи дека е можна сензација.

Но, Алкалоид остана смирен и секогаш успеваше брзо да одговори. Во 54. минута гостите имаа 28-24 и потоа до крајот го контролираа натпреварот во игра гол за гол, за на крајот да ја зачуваат разликата и да слават со 31-27.

Кај домашниот состав најефикасен беше Симоновски со девет гола, додека Димевски постигна седум. Кај Алкалоид, Митев постигна шест, Костески пет, а Ѓоргиев четири гола, додека голманот Галевски со 11 одбрани имаше значаен придонес во победата на гостинскиот состав.