Целје го загуби дербито, Узунчев се врати со четири гола

Photo: IHF/International Handball Federation

Третото коло во шампионатот на Словенија го донесе дербито меѓу екипите на Целје и Тримо Требње, а гостинскиот состав приреди големо изненадување и славеше убедливо со 39-31.

За екипата на Целје по кратка пауза поради повреда се врати македонскиот интернационалец Димитар Узунчев и одигра солиден натпревар со оглед на конечниот резултат. Македонскиот ракометар постигна четири гола.

Тримо Требње одигра одлично прво полувреме по кое водеше со 18-12. Домашниот состав во продолжението успеа да се врати во натпреварот и во еден момент направи целосен пресврт, но во процесот потроши многу енергија што подоцна се покажа како решавачко за текот на последната фаза од мечот. Имено, во 44. минута, со четвртиот гол на Узунчев, Целје поведе со 25-24 и ги принуди гостите да побараат тајм-аут.

Потоа, наместо продолжение на серијата на домашниот состав, следуваше нов пад во играта на Целје. Тримо Требње тоа го искористи, повторно го презеде водството и во завршните 15 минути изгради убедлива предност за конечна победа од 39-31.