Европската ракометна федерација денеска ги објави федерациите кои покажале интерес за организација на Европските првенства во 2034 година во машка и женска конкуренција.
ЕХФ соопшти дека 11 национални федерации испратиле писма со заинтересираност за домаќинство на континенталните шампионати во 2034 година.
Од претходно е познато дека Македонија, која е меѓу заинтересираните федерации за машкото ЕП, планира заедничка кандидатура со Србија и Словенија.
Во моментов, ова е единствената јавно потврдена заедничка кандидатура меѓу федерациите кои покажале интерес за машкото ЕП 2034. Тоа не ја исклучува можноста и други федерации во периодот до поднесувањето на официјалните кандидатури да настапат заеднички.
Конкуренцијата е сериозна, а меѓу заинтересираните за организација на машкото ЕП се:
Машко ЕП 2034: Австрија, Данска, Луксембург, Холандија, Македонија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска, Шведска.
Женско ЕП 2034: Данска, Луксембург, Холандија, Фарски Острови, Шведска.
Според предвидената динамика за кандидатурите, федерациите имаат рок до 1 март 2027 година да ги поднесат официјалните кандидатури. По нивната евалуација, домаќините на Европските првенства во 2034 година ќе бидат избрани на Конгресот на ЕХФ, на 18 септември 2027 година во Љубљана, Словенија.
Според претходната одлука на Извршниот комитет на ЕХФ, Европските првенства во 2034 година ќе вклучуваат и четвртфинални натпревари во официјалниот натпреварувачки распоред.