Хориха и Сегед елиминирани од ЛШ

Унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед, екипата за која настапува новиот македонски репрезентативец Димитро Хориха, на коло до крајот на групната фаза е елиминиран од Лигата на шампионите.

На денешниот натпревар со данскиот ГОГ Гудме, на ПИК Сегед му беше неопходна победа за да ги задржи шансите за пласман во следната фаза на ЛШ.

Но, не успеа да победи. Натпреварот заврши нерешено (33-33), а на Данците им беше потребен само бод во последните две кола, па уште денеска ја завршија работата.

Димитро Хориха немаше добар натпревар. Влезе во игра кон средината на првото полувреме и веднаш постигна ефектен гол од дистанца. Но, потоа влезе во лоша серија и ги промаши следните пет шута. Во негова „одбрана“, некои од тие обиди беа од неизградени позиции или во ситуации во кои беше принуден да шутира, но тренерот Апелгрин го повлече од игра и веќе не го врати на теренот.

ГОГ умешно го контролираше натпреварот и постојано имаше предност од два до четири гола. Во еден момент поведе и со пет гола разлика, но веднаш потоа Сегед се врати во игра и во 55. минута за првпат на мечот поведе. Сепак, до крајот ГОГ израмни, а во последните два напада се истакнаа голманите Ролан Миклер, а потоа и Кевин Мелер, па резултатот остана непроменет.

Од групата во која игра Вардар, Мелсунген го совлада тимот на Висла Плоцк, па сега Висла Плоцк, Нант и Мелсунген имаат по шест бода во пресрет на последното коло. Во него Нант ќе гостува во Плоцк, додека Мелсунген ќе гостува во Скопје, каде што ќе се соочи со Вардар 1961.


ЛИГА НА ШАМПИОНИ

5. КОЛО, ДЕНЕСКА:
Лига на шампионите – денешни натпревари

Мелсунген – Висла Плоцк 28-26
Сегед – ГОГ 33-33
20:45 Барселона – Монпелје (ТВ Арена Спорт 6)
20:45 Колстад – Магдебург
20:45 Спортинг – Кристијанштад

РЕЗУЛТАТИ:
Динамо Букурешт – Скандерборг 37-32
Партизан – Порто 33-33
Загреб – ПСЖ 29-28
Веспрем – Фуксе Берлин 39-35
Алборг – Цеље 34-30
Криенс – Кјелце 30-32
Нант – Вардар 1961 27-33

ТАБЕЛИ:
Група „А“: 1. Веспрем (10), 2. Фуксе Берлин (6), 3. Порто (23), 4. Партизан (1)
Група „Б“: 1. Висла Плоцк (6), 2. Нант (6), 3. Мелсунген (6), 4. Вардар 1961 (2)
Група „Ц“: 1. Алборг (9) 2. ПСЖ (7), 3. Загреб (4), 4. Цеље (0)
Група „Д“: 1. Спортинг (7), 2. ГОГ (7), 3. ПИК Сегед (4), 4. Кристијанштад (0)
Група „Е“: 1. Барселона (8), 2. Скандерборг АГФ (5), 3. Динамо Букурешт (3) 4. Монпеље (2)
Група „Ф“: 1. Магдебург (8), 2. Келце (6), 3. Криенс (4), 4. Колстад (0)