ГРК Тиквеш поразен дома, утре на поправен!

ГРК ТИКВЕШ – ЕШ 27-30 (14-14)
Бен Мавдух 8, Ончев 5 – Аговиќ 6, Аранда 5


Екипата на ГРК Тиквеш имаше неславен старт на сезоната во ЕХФ Европскиот Куп. Кавадарачани во првото коло, на домашен терен се поразени од екипата на Еш од Луксембург. Конечниот резултат е 27-30 (14-14), а гостите до ваквиот за нив поволен расплет дојдоа откако во целото второ полувреме го контролираа резултатот.

Кавадарчани стартуваа фуриозно и поведоа со 5-1 по седум минути игра наметнувајќи впечаток дека првото коло ќе биде прошетка за нив.
Две минути подоцна беше 5-5 и впечатокот комплетно се промени.

Но, водеа домашните до крајот на првиот дел, иако не успеаја да го задржат водството и на одмор се замина со резултат 14-14.
По седум минути игра во вториот дел беше 15-17, три минути подоцна 17-20. Гостите од Луксембург имаа максимално водство од четири гола (25-21) во 48 минута, но кавадарчани успеаја да намалат и да бидат на два-три гола негатива до крајот, односно до конечните 27-30.

Утешна работа за македонскиот тим е што двата меча ќе се играат во Кавадарци, па утре ракометарите на ГРК Тиквеш ќе бидат на поправен испит.