Со извинување до навивачката група Лозари и цело Кавадарци и ветување дека денеска ќе биде поинаку почнува најавата на ГРК Тиквеш за реванш-натпреварот од првото коло во ЕХФ Европскиот куп против тимот на Еш од Луксембург.
Кавадарчани ги разочараа своите фанови на првиот европски меч сезонава и на домашен терен запишаа пораз од луксембуршкиот клуб (27-30).
Договорот меѓу клубовите двата натпревари да се играат во Кавадарци донекаде ја релативизира ситуацијата пред денешниот реванш. Клубот објави изјава на својот најдобар стрелец од првиот натпревар, во која тој ветува поинаков пристап на денешната средба.
„Но, ова беа само првите 60 минути. Нè очекуваат нови 60 минути и нова борба. Можам да ветам дека ќе дадеме 1000% од себе за Тиквеш и за Кавадарци. Ќе се бориме до последната секунда и ќе оставиме сè на теренот“, изјави Азиз Бен Мафудух.
Во продолжението на најавата за денешниот натпревар, клубот ги повика навивачите денеска одново да ја наполнат салата и да им ја дадат потребната поддршка на играчите.
„Дојдете во што поголем број, наполнете го „Јасмин“ и бидете нашата сила од трибините. Ние ќе се бориме за секоја топка, секој гол и секоја одбрана – заедно до последната секунда“, вели клубот во својата објава.
Натпреварот ќе почне во 18:00 часот. Улогата на домаќин ќе ја има екипата на Еш.
ГРК Тиквеш за пласман во второто коло ќе мора да победи со најмалку четири гола разлика. Во случај натпреварот да заврши со победа на кавадарчани од три гола, без разлика на тоа колку голови ќе бидат вкупно постигнати, за пласман во следната рунда ќе се изведуваат седмерци.