ЕВРОПСКО РАЗОЧАРУВАЊЕ ВО КАВАДАРЦИ: ТИКВЕШ Е ЕЛИМИНИРАН

ЕШ – ГРК ТИКВЕШ 32-33 (14-12)
Клементе 8, Аговиќ 5 – Мафдух 9, Лазов 8
Прв натпревар: 30-27. Вкупно: 62-60

Екипата ГРК Тиквеш е елиминирана во првото коло на ЕХФ Европскиот Куп од екипата на Еш од Луксембург. Новото разочарување за кавадаречката ракометна публика и воопшто за македонските фанови, ракометарите на ГРК Тиквеш го сервираа денеска, на реванш натпреварот на кој требаше да анулираат три гола негатива од првиот меч што се одигра вчера. Успеаја да победат, минимално, (33-32) откако гостите водеа од 15 до 55 минута и имаа потполна контрола на настаните на теренот.

По ланското фијаско во ЕХФ Куп, (3-16) на полувреме во Истанбул против Бешикташ, ГРК Тиквеш годинава многу поамбициозно ја чекаше европската сезона. Противникот беше по мерка, четвртопласираниот клуб од минатата сезона во Луксембург, а голема предност за кавадарчани беше и договорот на двата клуба и двете средби да се одиграат во Кавадарци.

Првиот натпревар одигран вчера на кој победија гостите со 29-26 беше најава дека гостите имаат капацитет да го елиминираат македонскиот тим. Кавадарчани се извинија за лошиот натпревар и најавија поинаков реванш.
Но, реваншот не беше поинаков. По 4-4 во 15 минута, во водство премина тимот на Еш. Имаше во текот на првиот дел водство од два и од три гола разлика (9-6, 12-9), а по првото полувреме беше 14-12 за гостинскиот состав.
Времето одминуваше и во второто полувреме, а ништо битно не се промени во односот на силите. Еш водеше, ГРК Тиквеш се обидуваше да фати чекор.
Дури во 53 минута кавадарчани во еден момент преминаа во водство (27-26), но Еш веднаш постигна два погодока и целосно ја отстрани опасноста од пресврт.

Домашниот тим во 56 минута одново поведе (30-29), но до крајот постигнаа уште два гола гостите, сосема доволно за да не влезе натпреварот во драматична завршница. Кавадарчани за утеха победија, но за потсетување им требаше победа од четири гола разлика, а до такво остварување не беа ни блиску.

Уште ќе додадеме дека и Бутел Скопје минатата сезона во првото коло беше елиминиран од екипа од Луксембург (Дуделанж) што комплетирано до двојната програма во Кавадарци сезонава, отвора прашање за реалната сила на македонските екипи што не се дел од големата четворка.