ЕХФ го прошири младинскиот Трофеј

Првиот состанок на Извршниот комитет на ЕХФ во сезоната 2026/27 се одржа во Букурешт, главниот град на Романија, во текот на викендот. Се разгледуваа многу теми, а издвојуваме промена на системот во Младинскиот клупски трофеј, кај нас често насловуван и како младинска Лига на шампиони.

Кога станува збор за клупските натпреварувања, ИК го одобри новиот систем на натпреварување за „ЕХФ Младинскиот клупски трофеј“ кој сега ќе вклучува 24 екипи, со што ќе го следи проширениот формат на Лигата на шампионите за мажи.
Следната пролет се предвидени четири квалификациски турнири со по шест екипи, а победниците од овие турнири повторно ќе обезбедат пласман на завршниот турнир, кој ќе се одржи паралелно со Ф4 2027 во Келн.

Еурофарм Пелистер двапати ја претставуваше Македонија во ова натпреварување, а еднаш стигна и до Ф4. Годинава кадетскиот тим на Вардар 1961 треба да игра во квалификациите за Ф4.