-
30.9.2026
-
Планета ракомет
Photo: IHF/ Kolektiff/ Jozo Cabraja
БАХРЕИН ШАМПИОН НА АЗИЈА, ЈАПОНИЈА БРОНЗЕНА
Репрезентацијата на Бахреин е победник на Азискиот шампионат, откако во финалето на турнирот што се одржа во јапонскиот град Нагоја ја совлада репрезентацијата на Катар (33-32), екипа предводена од некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија – Веселин Вујовиќ.
Освојувач на бронзениот медал е репрезентацијата на Јапонија, која во битката за третото место ја совлада селекцијата на Јужна Кореја.
Репрезентациите на Бахреин и Јапонија се противници на Македонија во прелиминарната фаза од Светското првенство, кое во јануари ќе се одржи во Германија.
АЛ АХЛИ ГО СОВЛАДА ФУКСЕ БЕРЛИН, ДЕЈВИС ИГРА ЗА БРОНЗА
Изненадувачки резултат, со нота на сензација, постигнаа ракометарите на египетскиот тим Ал Ахли, предводени од некогашниот тренер на Вардар, Давид Дејвис.
На Светското клупско првенство што се одржува во Каиро, Ал Ахли го совлада Фуксе Берлин (30-27) и во мечот за третото место ќе игра против својот најголем ривал, Замалек од Египет.
Треба да напоменеме дека Берлин, откако ги загуби шансите за финале, на овој натпревар го одмораше својот најдобар играч – Матијас Гидсел.
Во финалето на Светското клупско првенство ќе играат Барса и Веспрем.
ВИСЛА ЌЕ ГО КАЗНИ КОСОРОТОВ
Полскиот клуб Висла Плоцк ѝ се извини на полската јавност и објави дека ќе го казни својот ракометар Сергеј Косоротов.
Клубот ја објави оваа информација откако на социјалните мрежи почна да се споделува фотографија од клупски брендираниот автомобил на Косоротов, паркиран на место резервирано за лица со попреченост.
Висла Плоцк е противник на Вардар 1961 во групната фаза од Лигата на шампионите.
НОРВЕШКА БЕЗ КРИСТИЈАНСЕН НА ЕП
Женската репрезентација на Норвешка, која е противник на Македонија на претстојното Европско првенство, остана без една од своите најдобри ракометарки.
Плејмејкерот на Ѓер, Вероника Кристијансен, мораше да направи операција на коленото и ќе биде надвор од терените со месеци.