Вардар – Охрид дерби за уживање, директно на Арена М3 Премиум

Петтото коло од Суперлигата носи натпревар за посебно уживање на ракометните фанови, затоа што во распоредот има дерби-меч од големата четворка на македонскиот клупски ракомет.
Актуелниот првак, екипата на Вардар 1961, е домаќин на ГРК Охрид, а натпреварот ќе се игра со почеток од 18:30 часот и директно ќе биде пренесуван на каналот Арена М3 Премиум.

Домашниот терен и залетот фатен во Лигата на шампионите се на страната на Вардар 1961. Охриѓани немаат пораз сезонава, но не се со максимален ефект и во Скопје доаѓаат по брејк со кој би го надополниле загубениот бод од дербито со Еурофарм Пелистер.

Натпреварот меѓу Вардар 1961 и ГРК Охрид не е единствениот меч со епитет дерби во ова коло. Со почеток од 16:00 часот, во Автокоманда ќе се сретнат екипите на Мулти Есенс и Младост 1977 Богданци.

Овој меч е исклучително важен за двете екипи, кои по досегашните четири кола имаат освоено по еден бод. Заедничко за двата тима е што одиграа натпревари на кои имаа водство кое на хартија им гарантираше победа, но по драматичен финиш не успеаја да триумфираат.
На Младост тоа му се случи на натпреварот со Прилеп на домашен терен, а на Мулти Есенс во минатото коло на гости кај МРК Куманово.
Збогатени со едно такво скапо и горчливо искуство, денеска двата тима со подеднакви шанси за победа ќе истрчаат на теренот во скопска Автокоманда, во обид првпат да го освојат целиот плен.

Алкалоид против Тиквеш, Е. Пелистер 2 против Куманово и Прилеп против Струга се трите натпревари што ќе се играат денеска, а на кои домашните екипи важат за фаворити. Сепак, не ја исклучуваме целосно можноста на некој од овие натпревари да има изненадување.

Вчера, екипата на Еурофарм Пелистер ја оправда својата фаворитска улога на дуелот со Бутел Скопје и славеше гостинска победа од 34-21.

СУПЕРЛИГА – 5. КОЛО

16:00 Мулти Есенс – Младост 1977
17:30 Е. Пелистер 2 – МРК Куманово
18:30 Вардар 1961 – ГРК Охрид
19:00 Алкалоид – ГРК Тиквеш
19:00 Прилеп – Струга

Вчера:
Бутел Скопје – Е. Пелистер 2?