Вардар 1961 го торпедираше ГРК Охрид

ВАРДАР 1961 – ГРК ОХРИД 27-18 (14-6)


Натпреварот меѓу екипите на Вардар 1961 и ГРК Охрид требаше да биде дерби-меч за уживање на ракометните фанови. Нивните претходни дуели сезонава, контролни и во Суперкупот, беа препорака и најава за нова неизвесна пресметка.

Но, нивното прво одмерување на силите од првенствен карактер и прво на теренот на Вардар беше „сѐ“, ама не беше неизвесен меч меѓу два рамноправни противника.

Во редовите на Вардар 1961 се вратија повредените Силва, Лазаревски и Стојановски и ја променија физиономијата на тимот. Одбраната, пак, на црвено-црните беше ѕид во кој се удри и разби играта на ГРК Охрид уште на почетокот на натпреварот.

Помалку од 10 минути траеше резултатската рамноправност, поконкретно до резултатот 4-3. Потоа Вардар 1961 постигна четири гола по ред, поведе со 8-3 и го најави дебаклот на гостите.

Охриѓани не покажаа карактер на овој натпревар. Немаше во нивниот тим борбен дух за враќање во игра, напротив, Вардар се разгоропади, лесно постигнуваше голови против шупливата одбрана на охриѓани и на одмор замина со предност од 14-6.

Вардар беше супериорен и во второто полувреме. Иван Чупиќ можеше да ротира, а секој нов играч носеше нова свежина. Сосема спротивно беше во синиот тим. Борис Ројевиќ не можеше да најде расположен играч, па неговите ротации само ја влошија ситуацијата.

По 10 минути игра во вториот дел резултатот беше 20-10. Потоа Вардар 1961 имаше водство и од 12 гола разлика (24-12), поведе и со 13 гола (26-13), а темпото се смири во последните 10 минути, во кои гостинскиот состав успеа да врзе неколку погодоци и мечот да го заврши со едноцифрена негатива.