-
05.10.2026
-
Планета ракомет
Photo: IHF/ Kolektiff
Португалскиот тренер Тиаго Оливеира е замената за македонскиот тренер Раде Стојановиќ на клупата на словенечкиот клуб Ајдовшчина. Оливеира во Словенија доаѓа од Блискиот Исток, каде што работеше како помошник-тренер во екипата на Кувајт Спорт.
Полскиот шампион Келце има играчки проблеми пред натпреварот со Магдебург од Лигата на шампионите. Хрватскиот десен бек Лука Кларица има проблеми со грбот и неизвесен е за настап на пресметката со германскиот првак.
Поранешниот тренер на Вардар, Аргентинецот Гиљермо Милано, е назначен за нов селектор на сениорската репрезентација на Саудиска Арабија. Тој во април беше ангажиран како технички директор и тренер на младинската репрезентација, додека селектор беше Димитриос Димитрулас. Грчкиот тренер се врати во Ал Калеџ, а за прв тренер на сениорскиот тим е поставен Гиљермо Милано.
Деновите на словенечкиот суперталент Аљуш Анжиќ (18) во Целје дефинитивно се одбројани, но очекуваниот трансфер во Сегед можеби нема да се случи, затоа што заинтересираност за него пројавиле Магдебург, Барса, а последната шпекулација вели дека и екипата на Фуксе Берлин го има неговото име во тефтерот. Се споменува и сума од 600.000 евра за неговиот трансфер.
Екипата на Слован од Словенија за наредната сезона планира ангажман на египетскиот репрезентативен пивот Марван Рагаб. Тој има 24 години и досега настапувал за екипите на Александрија и Ал Ахли, а во моментов е член на тимот на Замалек.