-
06.10.2026
-
Македонски ракомет
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, нема да може да смета на услугите на словенечкиот бек Ник Хенигман за денешната пресметка со екипата на Гдањск.
По одржаниот технички состанок во Гдањск, објавени се официјалните состави со кои екипите денеска ќе истрчаат на терен.
Словенецот не е во тимот. Тој заработи директен црвен, а потоа и син картон на натпреварот со Ла Риоха во првото коло и ќе го пропушти овој натпревар. Наскоро ќе дознаеме и дали мечот со Гдањск ќе биде единствениот што ќе го пропушти Хенигман.
Саду Нтанзи е во екипата, што беше очекувано, а сега е и официјално потврдено. Лино Червар не ги пријави во составот уште тројцата нови играчи на тимот: Диего Басанесе, Миха Котар и Малик Татар.
Ниту тренерот Патрик Ромбел не може да смета на сите играчи. Втор натпревар по ред, во тимот го нема поранешниот ракометар на Вардар 1961, Патрик Валчак.
Натпреварот почнува во 18:45 часот, а директен пренос ќе има на ТВ Арена М1 Премиум. Натпреварот ќе се игра во „Ерго Арена“, сала која буди лоши спомени, а во која Македонија играше важни квалификации за Олимписките игри и не успеа да се пласира.