-
22.10.2026
-
Македонски ракомет
Екипата на Вардар 1961 премногу доцна го одигра својот најдобар натпревар во Лигата на шампионите. На гостувањето кај Нант, каде што настапи со само 14 ракометари и со улога на аутсајдер, Вардар доминираше и ги освои првите бодови со победата од 33-27 (16-13).
Нант имаше императив да победи, а пораз од Вардар 1961 не беше ниту во една од опциите. Епилогот по 60 минути игра за францускиот тим може да значи преселба во ЕХФ Европската лига. Сепак, ќе почекаме за конечното средување на сметките. Очигледно, Вардар 1961 не го кажал последниот збор, па сега нема да му биде сеедно ниту на Гарсија Парондо кога во следното коло ќе треба да гостува во Скопје со својот Мелсунген.
Ако Вардар ги одиграше и другите натпревари како што одигра против Нант, настапот во главната рунда ќе беше реална опција. Но, вардаровата машина доцна запали и тука веќе ништо не може да се промени.
Нант беше разбиена војска, која сета своја немоќ ја демонстрираше пред домашната публика. Одамна нема доживеано такво фијаско, ниту, пак, загубено со толкава разлика на домашен терен, и тоа против екипа од калибарот на Вардар, а не против некои од многу помоќните состави со кои се соочувал.
Вардар од Нант испрати силна порака до екипите што играат или ќе играат во ЕХФ Европската лига. И таму ќе има сериозни противници, но штом Вардар е кадарен да му направи вакво нешто на Нант, тогаш никој во Европската лига нема да биде безбеден.