-
06.10.2026
-
Македонски ракомет
Уште десет дена остануваат до моментот кога на европската сцена ќе излезат и екипите на Алкалоид и Бутел Скопје, додека последниот македонски тим што ќе зачекори на сцената, Охрид, за премиерата ќе почека до 24 октомври.
Алкалоид е посебно интересен поради поголемите амбиции во ЕХФ Европскиот куп, каде што првиот противник по освојувањето на пехарот во 2025 година ќе му биде австрискиот тим Ферлах.
Ферлах има одличен старт на сезоната. По пет кола во австриската лига е прв со 8 бода, со три победи, две нерешени средби и без пораз. Последно, на 3 октомври, одигра 28:28 на гости кај Атцгерсдорф.
За разлика од Вест Виена пред две години, Ферлах не прифати двата натпревари да ги игра во Скопје. Причината – сметаат дека нивната „Балшпиле“, која собира 800 гледачи и важи за една од најгласните сали, ќе биде полна.
Нивниот тренер, Миро Баришиќ, нагласува дека натпреварите со Алкалоид ќе бидат посебни за нив.
„Ова ќе биде доживување. Моите играчи сигурно досега немаат почувствувано атмосфера како онаа што е вообичаена во Македонија. Спортски гледано, ние сме големи аутсајдери. Сепак, тешко можеш да добиеш поатрактивен противник“, изјави Баришиќ.
Првиот натпревар меѓу Алкалоид и Ферлах ќе се игра во Скопје, во „Автокоманда“, на 17 октомври, а реванш-натпреварот е на 24 октомври во Ферлах.