-
10.10.2026
-
Македонски ракомет
Двата последни освојувачи на ЕХФ Европскиот Куп, екипите на ГРК Охрид и Алкалоид денеска ќе бидат актерите во ракометниот настан на денот, дербито на колото во најсилната ракометна лига во регионот, македонската Суперлига.
Натпреварот е од шестото коло, а ќе се игра пред полни трибини во салата „Билјанини извори“ во Охрид со почеток од 18:30 часот.
За охриѓани, ако не го сметаме Суперкуп натпреварот, ова е трето големо дерби сезонава, второ што ќе го игра на домашен терен, додека Алкалоид прв пат ќе го гледаме на дерби меч.
Домашниот терен и фаворитската улога се на страната на екипата на ГРК Охрид. Но и поголемиот притисок е на нивните плеќи затоа што од двата дерби меча досега имаат само бод. Охриѓани се и во посилен залет со оглед на тоа дека одиграа четири тешки натпревари сезонава, додека вистинската сила на Алкалоид е непознаница сезонава и дури вечерва ќе има повеќе материјал за нивниот потенцијал. Скопскиот состав запиша пет победи досега, но на два натпревара, со Е. Пелистер 2 на гости и со ГРК Тиквеш на домашен терен до бодовите дојде потешко отколку што се очекуваше.
Таму имаше можност и за опуштање, а тоа нема да важи на денешниот натпревар, попладнево ќе се игра меч кој убаво би бил опишан со цитат на Лино Червар од еден од неговите мотивациски тајм аут говори - секоја топка е „match ball“.
Шестото коло го има во понудата и мечот меѓу Младост 1977 со Еурофарм Пелистер 2, а тоа е дуел на кој однапред не е лесно да се предвиди победникот. Бутел Скопје ќе ја брка првата победа сезонава, ќе игра на домашен терен, а гостин му е Прилеп.
Мулти Есенс беше блиску до победа на последните два натпревари, но не успеа да запише прв триумф. Но, освоија два бода, а сега распоредот ги носи на гостување во Кавадарци, кај Тиквеш кој, пак, во минатото коло беше на чекор до сензација на гостувањето кај Алкалоид.
Натпреварите од шестото коло ќе можат во живо да се следат преку стримовите на Ракометната федерација на Македонија.
СУПЕРЛИГА
6. КОЛО
Еурофам Пелистер – Куманово 36-23
Денеска, 10 октомври:
17:00 Младост 1977 – Еурофарм Пелистер 2
18:00 Бутел Скопје – Прилеп
18:00 Тиквеш 2014 – Мулти Есенс
18:30 ГРК Охрид – Алкалоид
18:30 Струга – Вардар 1961
ТАБЕЛА: 1. Еурофарм Пелистер (11), 2. Вардар (10), 3. Алкалоид (10), 4. Охрид (7), 5. Прилеп (6), 6. Тиквеш (5), 7. Еурофарм Пелистер 2 (4), 8. Струга (3), 9. Младост (2), 10. Мулти Есенс (2), 11. Бутел (1), 12. Куманово (1).