-
10.10.2026
-
Македонски ракомет
ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 26-24 (15-11)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегати: Марјан Начевски и Славчо Каланоски.
ГРК Охрид: Славиќ, Ѓорѓески, Стрмљан 4, Ојлески, Јошида 5, Иванковиќ 5, Карапалевски, Тасески, Савревски, Мате 6, Љапис 2, Талески, Зечевиќ 1, Ивановски, Ѓукиќ 3, Ќосевски.
Седмерци: 5/8. Исклучувања: 12 минути.
РК Алкалоид: Николовски, Галевски, Џонов, Тордарсон 1, Сухолежник 1, Костески 6, Стојковиќ 1, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Николов, Цехте 1, Петковски 1, Д. Митев 4, Борзаш 3, Аларов 1, Борозан 1.
Седмерци: 5/6. Исклучувања: 8 минути.
По нерешено и пораз, екипата на ГРК Охрид се радува на првата победа остварена на дерби меч во Суперлигата. Вечерва на свој терен, охриѓани беа поуспешни од екипата на Алкалоид и запишаа победа од 26-24.
Алкалоид подобро го отвори натпреварот по почетното водство на Охрид од 3-1. Со серија од четири гола, тимот на Кирил Лазаров поведе со 5-3, а во 15. минута имаше и највисоки плус три (7-4). Домашните брзо се вратија, израмнија на 7-7, а по водството од 9-8 ја презедоа контролата врз резултатот. Со серија од три гола, Охрид поведе со 11-8, а до паузата ја зголеми предноста на 15-11.
Во второто полувреме Охрид продолжи во ист ритам и во 41. минута стигна до највисоките шест гола предност (19-13). Алкалоид, сепак, не се предаде. Гостите намалија на 21-18 и добија можност да се доближат на само два гола, откако освоија топка и тргнаа кон празната мрежа.
Но, судиите досудија прекршок и го прекинаа нападот на гостите. Охрид се одбрани во продолжението, а потоа повторно ја зголеми предноста на пет гола и го запре налетот на Алкалоид.
До крајот домашниот состав ја задржа предноста и стигна до победа од 26-24, со која освои важни бодови во дербито од шестото коло.