Хориха доби зелено светло за Македонија

Квалификациите за ЕП 2028 се следниот голем настан на европската сцена сезонава. Шампионатот ќе се одржи во три држави, Португалија, Шпанија и Швајцарија. За пласман на ова ЕП, Македонија ќе игра во групата со Шведска, Грција и Луксембург, а две репрезентации ќе обезбедат пласман на ЕП.

Македонија ќе има нов репрезентативец. Димитро Хориха, екс играч на Вардар сега на ПИК Сегед, доби зелено светло за настап за македонската репрезентација.


„Димитро Хориха одамна има добиено македонско државјанство, сега ги има сите потребни дозволи и од ИХФ и ќе биде нов член на македонската репрезентација, уште од претстојните квалификации за Европското првенство. Тој е добро познат играч во Македонија и ќе биде засилување за нашиот тим“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Селекторот Кирил Лазаров, изјави дека тој ќе биде додадена вредност во репрезентацијата.


„Македонија треба да ги користи шансите и ресурсите за да имаме покомпетитивен тим. Тој имаше одлични настапи за Вардар, имаше главна улога во тимот што ја освои шампионската титула. Премина во посилна лига, во ПИК Сегед. Го следам, има улога таму, добро игра. Може да придонесе да бидеме поквалитетни. Игра во два правца, има шут однадвор, има победнички карактер. Ќе му треба време, но ќе го приклучиме во нашиот систем и се надевам дека ќе бидеме поквалитетни“, изјави селкторот Кирил Лазаров.