-
16.10.2026
-
Македонски ракомет
Заврши долгото чекање за Алкалоид и Бутел Скопје пред нивниот прв натпревар во Европа во новата сезона. За Алкалоид ова ќе биде четврто појавување на европската сцена, а веќе има во витрините победнички шампионски пехар. Такво остварување е реткост, но во Европа не се живее на старата слава. Напротив, пехарот што Алкалоид го освои во 2025 ќе биде мотив плус подобра подготовка на сите противници со кои скопскиот состав ќе се сретне сезонава.
Првиот противник е екипата на Келаг Ферлах од Австрија. Оваа екипа пристигнa во Скопје без пораз во домашното првенство, но со свест дека го чека најголемиот предизвик досега во европската сезона. Нивниот тренер е Хрват, Миро Баришиќ и тој нагласи дека се радува што противник му е Алкалоид, затоа што поатрактивен противник, тешко дека би добиле.
За гостувањето на неговата екипа вели дека ќе биде авантура, особено поради атмосферата по која Македонија е позната во ракометна Европа.
Алкалоид долго чека на европски натпревар. Минатата сезона среќата не му беше сојузник во ждрепката за влез во ЕХФ Европската лига каде што од десет можни противници го доби најсилниот противник, Хановер-Бургдорф, единствениот тим од Бундеслигата.
Сега одново се подрева атмосферата за европската премиера. И во претходниот нстап во ЕХФ Куп, Алкалоид играше против австриски тим. Тоа беше Вест Виена и двата натпревари се играа во Скопје. Оставија добар впечаток, а екипата на Ферлах е подобар тим од нив и доаѓа во подобар моментум. На второто место на табелата се, со три победи и три нерешени натпревари во Австриската лига (ХЛА). Таму се единствениот тим без пораз.
Предусловите да гледаме динамичен меч со брзи транзиции и многу голови се исполнети и очекуваме таков тип на натпревар. Алкалоид одамна се нема добро истрчано и овој двомеч треба да биде добредојден и за враќање на тој препознатлив стил и ритам на игра што го красеше кога ја бркаше првата европска титула. Почетокот на натпреварот е закажан за 19:00 часот, ќе се игра во Автокоманда, а ТВ пренос ќе има на ТВ Арена М2 Премиум.