Алкалоид е на чекор до третото коло во ЕХФ Куп

РК АЛКАЛОИД – СЦ КЕЛАГ ФЕРЛАХ 31-22 (16-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иво Бошњак и Јосип Мариќ од БиХ. Делегат: Кенан Чокмен од Турција.
РК Алкалоид: Марко Кизиќ, Иван Галевски (8 одбрани + 2 седмерци), Улфар Пал Монси Тордарсон 5, Матиц Сухолежник 4, Никола Костески 6, Марко Стојковиќ 1, Марко Митев 7, Игор Ѓорѓиев 2, Мартин Велковски 2, Филип Николов, Нејц Цехте, Александар Петковски, Дамјан Митев 1, Урош Борзаш 2, Михаил Аларов 1, Емилијан Ѓорговски.
Седмерци: 1/2. Исклучувања: 6 минути. Црвен картон: Филип Николов (3 × 2 минути).

СЦ Келаг Ферлах: Арне Фукс (2 одбрани), Михаел Конечни (6 одбрани), Штефан Вузела, Симон Кнап, Тони Перкушиќ 7, Петар Станиќ 1, Давид Гисин 2, Лорин Ебнер, Маркус Келих 1, Михаел Јесахер, Лука Ебнер, Флоријан Плонер 2, Изидор Буџа 1, Адријан Миличевиќ 5, Јакоб Келих, Блаж Носан 1.
Седмерци: 1/3. Исклучувања: 10 минути.

Алкалоид со комотна предност ќе патува на реваншот во Австрија, откако вечерва во Скопје забележа убедлива победа над екипата на Ферлах. Предноста од девет гола му дава одлична позиција на македонскиот тим пред вториот натпревар, во обидот да обезбеди пласман во третото коло на ЕХФ Европскиот куп.

Уште од првиот напад на гостите беше очигледно дека ќе имаат проблем со одбраната на Алкалоид, каде што на централните позиции доминираа Сухолежник и Стојковиќ. Но, на нападот на Алкалоид му требаше момент за да се разбуди и да ја стартува машината. Атрактивната дефанзивна реакција на Тордарсон, кој спречи шут на празен гол, добро послужи за таа цел. Се раздвижи Алкалоид и за кратко време од 1-2 стигна до 6-2.

Потоа се воспостави рамнотежа и се играше гол за гол. Тренерот Миро Баришиќ побара тајм-аут при резултат 9-6, но тоа не промени многу на теренот, па Алкалоид ја одржа разликата, а во 23. минута ја запиша и најголемата предност дотогаш (14-8).

До крајот на првиот дел повторно се играше гол за гол, па резултатската нишалка по 30 минути застана на 16-11.

По шест минути динамична игра во второто полувреме, Алкалоид повторно беше на плус шест (18-12), а притоа не искористи неколку шанси да го зголеми водството, бидејќи премногу комбинираше во нападот и не покажа вистинска решителност.

Се разигра Алкалоид, одбраната беше добра, па Баришиќ, по десет минути во второто полувреме, при резултат 20-14 и промашениот контранапад на Тордарсон, побара пауза од една минута. По продолжението на натпреварот, гостите постигнаа два гола по ред и се вратија на негатива од четири гола, што дотогаш беше нивниот најдобар резултатски дострел во второто полувреме.

Во последните десет минути се влезе со резултат 24-20, а две минути подоцна беше 26-21. Ново будење кај публиката донесе Сухолежник, кој постигна гол за 27-21 и покрај тројцата противнички ракометари на грбот.

Новото највисоко водство беше достигнато во 55. минута (29-21), што беше знак за нов тајм-аут на гостинскиот тим. Во финишот во убава серија влезе и Иван Галевски, па Алкалоид се обиде да стигне и до двоцифрена предност. На крајот, македонскиот тим славеше со 31-22 и со девет гола предност ќе го дочека реваншот во Австрија.