Охрид и Алкалоид меѓу носителите, во вторник е ждрепката за 1/16-финалето!

Екипите на ГРК Охрид и РК Алкалоид се пласираа во третото коло на ЕХФ Европскиот Куп и во вторник ќе бидат дел од ждрепката која ќе ги одреди паровите за 1/16-финалето.

ЕХФ годинава воведе измени во системот на ждрепката, па во првите две кола имаше заштита според која екипи од иста земја не можеа да играат меѓусебе.

Дали ќе има заштита и во третото коло? Засега не можеме да го потврдиме тоа. Постои таква можност, иако повеќе веруваме дека овојпат нема да има таква заштита, туку екипите ќе бидат поделени во два шешира со по 16 екипи. Носителите би биле одредени според финалниот клупски рејтинг во ЕХФ Европскиот Куп, објавен пред почетокот на сезоната.

На таа ранг-листа ГРК Охрид е прв носител, а РК Алкалоид е трет. Тоа значи дека, доколку ждрепката биде организирана според овој систем, македонските екипи нема да можат да играат меѓусебе во 1/16-финалето.

Од екипите што се најдоа меѓу 16-те носители, дури 14 го одбранија својот статус. Единствените промени се случија по елиминациите на Борац Бања Лука и италијанскиот Касано.

Борац Бања Лука беше елиминиран од ПАОК, па грчкиот тим го презеде неговото место на ранг-листата, на седмата позиција. Касано, пак, беше елиминиран од швајцарскиот Берн, кој сега го зазема последното место во првиот шешир, односно 16. позиција на ранг-листата.

Така, меѓу 16-те носители, кои според овој систем не би можеле да играат меѓусебе во третото коло, се најдоа: Охрид (МКД), Островија (Пол), Алкалоид (МКД), Олимпијакос (Грција), Хаукар (Исланд), Темишвар (Романија), ПАОК (Грција), Плер (Унгарија), Тримо (Словенија), Рунар (Норвешка), Бешикташ (Турција), Војводина (Србија), Вослау (Австрија), Дукла (Чешка), БК-46 (Финска) и Берн (Швајцарија).

Потенцијални противници на овие екипи се Бистрица (Словачка), Горица (Хрватска), Винтертур (Швајцарија), Холон (Израел), Словењ Градец (Словенија), АЕК (Грција), Ловќен (Црна Гора), Х71 (Фарски Острови), Турда (Романија), Сасари (Италија), Слога (БиХ), Рамат (Израел), Дубочица (Србија) и Волендам (Холандија).

Списокот денеска ќе биде комплетиран, а големи шанси за пласман во третото коло имаат и Горење (Словенија) и Драгунас (Литванија).

Сепак, овие списоци сè уште не се дефинитивни, бидејќи денеска се играат уште десет реванш-натпревари. Доколку нема поголеми изненадувања, ждрепката во вторник би можела да изгледа токму вака.

Во двата шешира има екипи од Грција, Србија, Словенија и Романија, па не ја исклучуваме можноста ЕХФ сепак да воведе заштита и во оваа фаза од натпреварувањето.