-
24.10.2026
-
Македонски ракомет
Екипата на Бутел Скопје е елиминирана од ЕХФ Европскиот куп, откако денеска ја совлада хрватската Горица со само еден гол разлика (25-24). За пласман во следната рунда ѝ беше потребна победа од четири гола разлика, со оглед на поразот (23-27) на првиот натпревар.
Баталете го пласманот. Бутел Скопје нема квалитет од рангот на Алкалоид или Охрид за да се бори за шампионски пехар. Но Бутел Скопје има своја приказна, која треба да се раскажува за да го зачува својот идентитет.
Ова е првата тренерска победа на Столе Стоилов. Првиот македонски ракометар кој го подигна шампионскиот пехар во Лигата на шампионите, а потоа, во 2019 година, во духот на фер-плејот се откажа од привилегијата повторно да го направи тоа и му ја препушти честа на Игор Карачиќ. Хрватот, кој за неколку дена ќе наполни 38 години, подоцна реши кариерата да ја завршува во Загреб. Во Вардар сега играат некои други странци.
Столе Стоилов доживеа да го гледа од друга перспектива грбот на Вардар 1961. Според најавите, требаше да биде прв тренер, но клубот се откажа од својата легенда и таа улога му ја препушти на друга клупска легенда – Иван Чупиќ.
Чупиќ, ни крив ни должен, достојно си ја врши тренерската работа. „Ѕвер“ е Чупко, тоа никој нема да го оспорува. Но на Македонија ѝ се потребни и тренери со друга грамажа на „кохонес“.
„Ако имаш двајца странци во екипата, тогаш треба да се кренат веѓите. Ако имаш тројца, тогаш не си тренер, туку менаџер. Ако имаш четири или пет странци... тогаш нема за што да зборуваме“, е легендарната изјава што му се припишува на српскиот кошаркарски тренер Ацо Петровиќ.
Македонија има видено многу менаџери, а малку тренери. Поставете го прашањето кој тренер колку и кои играчи ги има „направено“ и ќе ја добиете суровата вистина. Лесно е да се состави екипа со готови играчи. Вистинскиот тренер се препознава и по оние што ги создал, по ракометарите на кои им дал шанса и по оние што ги направил подобри отколку што биле кога дошле кај него.
Столе Стоилов го виде на дело својот Вардар, но и Вардар го виде неговиот грб. Годинава направи машки потег и реши да тргне по потешкиот пат. Не со купени странци, туку со македонски играчи да се обиде да направи успех.
По тој пат пред четири-пет години тргна Кирил Лазаров. Оттогаш, па и пред тоа, малкумина се осмелија да зачекорат по истиот пат. Столе и Киро отворија предизвик. Сега останува да видиме кој друг има „кохонес“ да им се придружи.
Столе Стоилов тргна со домашни играчи и со сопствената пот и труд да го турка напред сизифовскиот камен. Не му оди лесно. Не му оди ниту секогаш добро. Но во сизифовската приказна поентата е токму во тоа – да не се откажеш, дури и кога каменот повторно ќе се стркала надолу.
Бесмислено или не? Можеби некој ќе рече дека е полесно да се купат готови играчи отколку да се создаваат. Такви имаме колку ти душа сака. Но ако сите го изберат полесниот пат, кој ќе создава македонски ракометари?
Менаџер секогаш можете да купите. Тренер – НЕ.
Вечерва падна првата победа. Ќе има и нови. Победата над Горица е првата во тренерската кариера на Стоилов.
Честито, Столе! Должиш едно големо ладно.