Кадетките подобри од Грција на првиот турнир од Регионалната лига

Женската кадетска репрезентација (технички пионерска репрезентација) на Македонија го заврши првиот турнир од регионалната лига У16 со победа над домаќинот Грција од 24-23. Избраничките на Славиша Димитријески во Верија претрпеа пораз од Турција со 26-30, но во вториот натпревар успеаја да се изборат за триумф против грчката селекција.

Турција, која во првото коло ја совлада Грција со 25-24, го заврши турнирот со максимален ефект од двете средби. Македонија има една победа и еден пораз, Грција два порази.

Резултати – Група Д:
Грција – Турција 24-25
Македонија – Турција 26-30
Македонија – Грција 24-23


Регионалната лига У16 е ново натпреварување во кое учествуваат 12 репрезентации, поделени во четири групи. Секоја селекција ќе одигра шест натпревари во групната фаза, низ три турнирски прозорци, а на крајот ќе биде одреден конечниот пласман од првото до 12. место.

Покрај групата Д, во женска конкуренција се натпреваруваат и групите А, Б и В. Во групата А се Словенија, Босна и Херцеговина и Словачка, во групата Б се Хрватска, Црна Гора и Србија, додека групата В ја сочинуваат Косово, Романија и Бугарија.

Вториот турнир за групата Д ќе се игра во Скопје од 11 до 13 декември, кога Македонија повторно ќе се сретне со Турција и Грција.