Алкалоид го реши Бутел за нови суперлигашки бодови

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 24-29 (12-15)
Сала: Антон Димитров во Скопје. Судии: Глигор Ќаев и Спаско Ќаев. Делегат: Владимир Саздовски

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Богдановски (11 одб), Симовски, Ѓорѓески, Лешниковски 1, Јаневски 3, Трсунов, Костов 2, Јовиќ 5, Аксентиев 1, Марковски 2, Стоилевски 2, Каевски 5, Николоски, Михајловиќ, А. Трсунов, Тодески 2
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 2 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски 1 (13 одб), Кизиќ, Џонов, Тордарсон 2, Сухолежник 1, Костески 2, Карасманакис, Марко Митев 3, Ѓорѓиев 1, Николов 3, Цехте 1, Петковски 2, Дамјан Митев 4, Борзаш 5, Аларов 3, Ѓорговски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 2 мин.

Ракометарите на Алкалоид ја запишаа седмата победа во Суперлигата, откако славеа на гостувањето кај Бутел Скопје со 29-24 во заостанатиот натпревар од осмото коло. Тимот на Кирил Лазаров уште во првото полувреме ја презеде контролата врз резултатот, а во продолжението не му дозволи на домаќинот посериозно да се закани.

Бутел парираше во почетните минути, но Алкалоид постепено го презеде ритамот на играта. По израмнетиот старт, гостите се одвоија на четири гола предност, а на паузата заминаа со водство од 15-12.
Во вториот дел Алкалоид ја одржуваше разликата, а во завршната третина од натпреварот дополнително се одлепи. Предноста достигна пет гола при резултат 22-17, а потоа и шест гола при 26-20, со што победникот практично беше решен. До крајот гостите рутински ја зачуваа предноста за конечни 29-24.
Урош Борзаш беше најефикасен во победничкиот состав со пет погодоци, додека Дамјан Митев постигна четири. По три гола имаа Марко Митев, Филип Николов и Михаил Аларов. Голманот Иван Галевски забележа 13 одбрани.