Photo: Filip Viranovski
Inside photo: Mkdhandball
Продолженијата од финалната пресметка меѓу Алкалоид и АЕК од ЕХФ Европскиот Куп сега ќе се игра низ канцелариите на ЕХФ, а главните актери ќе бидат нивните комисии.
ЕХФ откако беше затрупан со информации, соопштенија и коментари, побара од клубовите да ги сумираат изјавите и потоа ќе информира што одлучиле. До тој момент, нема да има никаква информација од Виена.
Кога ќе дознаеме, тоа никој не знае.
Колку и да е за нас на пример јасно што се случи, приказната како и секогаш има и друга страна. Фактите се дека Алкалоид го победи АЕК во Атина на првиот меч на натпревар што не беше добро огранизиран од повеќе аспекти, вклучително и безбедносен.
Бевме на натпреварот во Атина, нашата безбедност беше загрозена, околу петте македонски медиумски претставници имаше толпа агресивни навивачи и немаше никакво обезбедување околу нас.
Натпреварот беше двапати прекинат поради дивеење на нивните фанови, фрлаа со што ќе им се најдеше при рака на теренот, притоа ракометар на Алкалоид додека беше на теренот беше погоден во главата со пластично шише, на македонските фанови кои беа околу 50 од кои 1/3 беа жени им се закануваа со сѐ и сешто итн. Во еден момент пола трибина тргна да се пресметува со еден македонски навивач кој имаше две клупски знамиња.
Оттука соопштението на грчката ракометна федерација дека организирале соврешен меч во Атина е многу далеку од реалноста. Не беше ни блиску организацијата на овој меч од совршенство, беше еден чекор од катастрофа. Добро е што не ескалираше на уште повисоко ниво и што воопшто се одигра.
Ова се детали од атинското финале што не ги подвлекувавме во извештаите за да не ја разгоруваме на непријателски начин атмосферата пред реваншот.
Факт е и дека АЕК избега од теренот во Скопје во сала во која за нив немаше никаков безбедносен ризик. Не се појавија на теренот затоа што на 200 нивни навивачи им беа одобрени билети, на други 400 – не. Од безбедносни причини. Патем тие и без билети се упатиле кон Скопје игнорирајќи ги безбедносните ризици и меѓудругото предупредувањето од нивниот претседател, јавно објавено на социјалните мрежи.
Факт е дека АЕК втор пат сезонава бега од терен и потоа се обидува резултатски да профитира од тоа. Не излегоа на терен во Белград каде што на трибините ги чекаа навивачи многи слични на нивните, а не на тие што беа во „Борис Трајковски“.
Во Скопје бараа причина да не играат и ја најдоа меѓу своите навивачи. Тоа не значи и дека дури и ако нивните навивачи дојдеа во бројка за која не се гарантира безбедност, немаше да бараат друга причина за да не излезат на терен.
Од наш агол, не беа дојдени да играат, туку да најдат начин да не играат и така да се оправдаат пред своите.