Мега борба, прекини и победа на Алкалоид во Атина

Од Атина за mkdhandball Ристо Ѓамовски

АЕК - РК АЛКАЛОИД  25-29 (14-16)
Сунел Арена во Атина. Судии: Гитис Снуревичиус и Андруш Григалионис од Литванија. Делегати: Олав Оле Свеин од Норвешка и Франциско Баласкез од Шпанија
АЕК: Женти, Тепер, Арампацис, Матиќ 1, Властос, Шмит 4, Кеита 1, Панајоту 4, Лулиќ 1, Кукулас, Дејвис, Гара 6, Туре 5, Бургар, Шукилович, Сако 3
Седмерци: 1/6 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (9 одб), Галевски (5 сед, 2 одб), Џонов, Маркоски 1, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис, Стојковиќ 3, Велковски 2, Симоноски, Ивановски 3, Бинго 3, Франциско 5, Петковски 3, Митев 2, Савревски
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 10 мин.


Алкалод со голема победа од четири гола разлика (29-25)се враќа од гостувањето во Атина каде што го играше првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот Куп.

Атмосферата во салата се загреваше повеќе од пола час пред почетокот на натпреварот. Трбината на злогласната „Gate 21“ се исполни прва, а запалена цигара не беше некаква реткост. „Ано Лисио“ или Сунел Арена беше солидно исполнета, со тоа што телескопските трибини беа повлечени и навивачите не беа блиску до актерите на теренот како што е тоа случај на пример кога игра кошаркарскиот тим.

Атомсферата беше жешка, но имаат играно пред полни трибини ракометарите на Алкалоид.

Мечот почна со гол за АЕК и промашен зицер за Алкалоид. Грците поведоа со 2-0, но следеа голови од Серафимов, Ивановски и Петковски за израмнување и преземање на водството по 7 минути игра.
АЕК се врати во водство, по две промашувања на Алкалоид од кое едното на празен гол. Но, македонскиот тим играше добра одбрана и тоа им донесе ново водство во 11 минута (5-4).
Работите брзо се менуваа, па во 13 минута АЕК одново водеше (7-6), по што мечот продолжи во игра гол за гол.
Марко Стојковиќ влезе во жестока битка со Грците, изнуди пенал, постигна гол, но и беше исклучен во следниот напад.
Во 20 минута беше 11-11, а Алкалоид диктираше резултат, но користејќи играч повеќе во поле, домашниот состав ја презема контролата во 22 минута од мечот. Францускиот ветеран на голот, Јан Женти успеа врза две одбрани по ред и тоа им даде шанса на домашните да напаѓаат и за плус три во 25 минута од мечот (14-12).

Но, следеа четири гола во неговата мрежа за 14-16 во 28 минута. Потоа следеше малку хаотичен период во кој Алкалоид пропушти шанса да поведе и со поголема разлика, но на крајот и двете страни мораа да се задоволат со актуелните 14-16.

Алкалоид поведе со 17-14 во вториот дел и пропупти три напади за поголемо водство и можеби за да го прекрши финалето. 
Место тоа мечот продолжи во игра гол за гол, а домашните добија шанса да резултатски да се доближат. Грешеа и домашните, но намалија на 17-18 од контра напад и ја разбудија целата сала одново. 

Иван Галевски им одбран два пенала на Грците кои се обидуваа да израмнат и го одбрани водството на Алкалоид, а потоа и Кизиќ одбрани зицер, а Алкалоид конечно повторно имаше плус два во 41 минута.

Пораснаа фрустрациите на трибините па почнаа да летаат и предмети кон играчите, по што и натпреварот накратко беше прекинат. 

Откако Галевски го одбрани и третиот пенал по ред, а Алкалоид поведе со 20-17 во 41 минута, почна нов хаос од трибините и натпреварот одново беше прекинат. 

Франциско ја играше својата најдобра партија откако е дојден во Алкалоид, а македонскиот тим одржуваше водство од три гола во хаосот во Сунел Арената. 
Во 45 минута Лазаров побара тајм аут за да спаси еден лош напад на Алкалоид, при резултат 21-19. Двата прекина подобро му дојдоа на домашниот состав кој шутираше пенал за да намали на минус еден но - Галевски го одбрани и четвртиот по ред пенал. 

АЕК намали на 22-23 во 53 минута и тоа од пенал. Прв пат погодија во петтиот обид. 

На пет минути до крајот Алкалоид водеше 27-24, а потоа продолжи шоуто на Галевски. Одбрани зицер и петти пенал, но нападот не беше на ниво во тие моменти и АЕК се доближи на 25-27 во 58 минута. Но последните две минути одново беа во знакот на Алкалоид кој стигна до голема победа од 29-25. 

Поврзани вести