Вардар преку седмерци до Куп финале

foto: GRK Ohrid

РК ВАРДАР 1961 - РК АЛКАЛОИД 4-3 (28-28, 13-14)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегати: Душко Камишевски и Марјан Начевски
РК ВАРДАР 1961: Еспиња (10 одб), Гогов, Стојановски, Јагуриновски, Аларов, Т. Стојановски, Георгиевски, Крсманчиќ 3, Танкоски 1, Лазаревски 5, Хориха 2, Срдановиќ 3, Николиќ 3, Петриќ 3, Пинто 1, Борозан 7
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 12 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски (1 сед, 13 одб), Џонов, 4 Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 9, Карасманакис 1, Стојковиќ, Велковски 1, Симоноски, Ивановски, Бинго, Франциско 2, Петковски 7, Митев 4, Савревски
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 14 мин.

Вардар е првиот финалист на Куп на Македонија, откако вечерва на во првото полуфинале, со подобро изведување на седмерци го елиминираше бранителот на пехарот, екипата на Алкалоид.

Вардар прв поведе, но следните четири гола завршија во мрежата на Еспиња, па Алкалоид ја имаше контролата врз резултатот. Голманот Еспиња со две интервенции по ред го врати во игра постариот скопски тим кој намали на 3-4, но, во 15 минута тренерот на Вардар, Гиљермо Милано мораше да бара тајм аут затоа што Алкалоид водеше 8-4. Одбраната на Алкалоид беше подобра од таа на Вардар, кој непосредно пред минутата одмор се префрли на индивидуална игра во која Вуко Борозан инсистираше на тоа да ги решава нападите.
Вардар преку соло продори на Крсманчиќ и Петриќ намали на 8-9 во 20 минута. Имаа шанса и за реми, но клупата на Вардар направи грешка со измена, а Алкалоид тоа го искористи и поведе 10-8 во 23 минута.
До крајот на првиот дел се водеше интересна и жестока битка по која Алкалоид потроши водство од три и на полувреме замина само со гол предност.

Вардар до израмнување стигна во 32 минута (15-15), но не успеа да премине во водство. Напротив, Алкалоид диктираше ритам, а натпреварот од минута во минута стануваше се поатрактивен.
Петковски играше одличен натпревар, Иван Галевски имаше свои моменти со три одбрани по ред, се надворза и Дамјан Митев со два убави гола и во 47 минута беше 23-21.
Вардар има(ше) подолга клупа, Милано постојано ротираше и имаше повеќе опции за игра, а и индивидуалниот квалитет на неговите надворешни играчи даваше резултат, па во 48 минута одново беше нерешено (23-23).



Вардар имаше пенал за водство, но Иван Галевски со двојна одбрана против Крсманчиќ ја крена салата на нозе.
Првото водство по тоа од 1-0, Вардар го запиша дури во 51 минута, гол што од девет метри го постигна украинскиот бек Хориха. Во 55 минута, по две одбрани на Еспиња, Вардар поведе и со 27-25, но следеа два одбранети зицери на Галевски и Алкалоид израмни во 57 минута, а потоа од контра напад преку Џонов го врати водството.
Потоа уште една одбрана на Галевски, 13 по ред по шут на Борозан и Алкалоид напаѓаше за плус два, но со играч помалку. На точно една минута до крајот.
Одиграа лош напад и Вардар на празен гол постигна погодок за 28-28. Потоа Алкалоид одново беше во напад, а Лазаров на 10 секунди до крајот побара тајм аут.
Борозан жестоко го фаулираше Серафимов на две секунди до крајот, но немаше пенал за Алкалоид туку само 2 минути за Борозан. Мечот заврши нерешено и се премина на изведување на пенали.

Серијата изгледаше вака:
Серафимов  1-0
Пинто  1-0 (Галевски одбрани)
Симоноски 1-0 (Еспиња одбрани)
Георгиевски 1-1
Д. Митев  1-1 (Еспиња одбрани)
Срдановиќ 2-1
Франциско 2-2
Николиќ  3-2
Петковски 3-3
Крсманчиќ  4-3

Поврзани вести