Денеска одново е ден за големо дерби во македонската суперлига. Во Скопје, во салата во Автокоманда, Алкалоид за гостин ќе го има актуелниот првак Еурофарм Пелистер.
Овие два тима не се сретнаа на Фајналфор турнирот во Охрид, но сега е на ред позначајната титула.
Битолчани одат по тенката линија која како голема награда го има шампионскиот пехар доколку победат на следните два натпревари, но и можен пласман на третото место доколку ги загубат.
Калкулациите за првите три места во моментов изгледаат вака:
Ако Алкалоид вечерва победи со разлика поголема од два гола има шанса првенството да го заврши на второто место, доколку Вардар победи во последниот меч во кој на домашен терен се среќава со Е. Пелистер. Алкалоид во сите резултататски комбинации би морал да победи и со Охрид и Бутел Скопје во последните две кола.
Ако мечот во Автокоманда заврши со победа на Алкалоид од два гола, тогаш се гледа меѓусебениот скор, односно повеќе постигнати голови во гости.
Ако средбата заврши со победа на Алкалоид со точен резултат 30-28 колку што беше и во Битола, тогаш на повидок би имале бараж за второто место што би се играл на неутрален терен.
Ако мечот заврши со победа на Е. Пелистер, нерешено, со победа од еден гол на Алкалоид или со победа од два гола, но битолчани да постигнат 28 или повеќе голови, тогаш Е. Пелистер е во предност.
Е. Пелистер и со пораз во Автокоманда, останува во игра за шампионскиот пехар, затоа што во последното коло ќе игра со директниот ривал Вардар 1961 и на таа средба доколку победи со два гола или со еден гол, но постигнати повеќе од 35 гола би бил шампион. Ако пак тој меч заврши со победа од 35-34 за Е. Пелистер, би имале бараж на неутрален терен за шампионска титула.
Подвлечено, вечерашниот меч во Автокоманда ќе реши една дилема во првенството. Дали Е. Пелистер го има сигурно второто место и ќе игра против Вардар за титула или Алкалоид ги задржува шансите да биде втор и ќе чека исход од натпреварот во „Јане Сандански“.
Натпреварот во Автокоманда почнува во 19:00 часот, ќе го судат битолчаните Митревски и Тодоровски, а средбата директно ќе биде пренесувана и на МРТ.
Што значат конечните пласмани во распределбата на местата во европските натпреварувања следната сезона?
Македонија има четири места во европските купови. Првопласираниот ќе има место во групната фаза од ЕХФ Европската лига, второпласираниот игра квалификации за ЕХФ Европска Лига, а трето и четврто место во Суперлигата обезбедуваат пласман во ЕХФ Европскиот Куп.
Но, доколку првакот успее да издејствува место во Лигата на шампионите, тогаш второпласираниот тим ќе биде директно во групната фаза на ЕХФ Европската лига. Третопласираниот тим има право да бара надградба и од ЕХФ Европскиот Куп да игра во квалификациите за ЕХФ Европската лига.
Поврзани вести