РК АЛКАЛОИД - РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 23-29 (14-18)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Камер Металари и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 1, Бинго 1, Франциско 3, Петковски 6, Митев, Савревски
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 12 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Манасков 6, Цехте, Тајник 2, Борзаш 4, Радивојевиќ 2, Костески 3, Ѓорговски, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 3, Хосни 4, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.
Е. Пелистер со два бода си замина од Автокоманда во пресрет на саботното дерби со Вардар на кое ќе се реши победникот на годинешното првенство.
Алкалоид по денешното дерби, првенството ќе го заврши на третото место на табелата.
На овој натпревар гостите кои настапија без Филип Кузмановски и Илија Абутовиќ, се определија за тактика во која не само што не форсираа (брза) транзиција, туку се обидуваа што побавно да играат. Во таков ритам на почетокот наизменично постигнуваа голови и двата тима. Првата голманска интервенција на мечот ја имаше Митревски во седмата минута, а тоа го искористија гостите за први да стигнат до плус два (5-3). Три минути подоцна беше 5-5. Алкалоид премина во водство во 15 минута (7-6) и го диктираше резултатот во следните пет минути, пред одново да поведат битолчани (10-9, 20 мин.).
Пелистер поведе и со 13-11, а Кирил Лазаров по подолга пауза за момент во тимот го врати Игор Ѓоргиев кој се рехабилитираше од повреда уште од април.
Тактиката на гостите во поглед на ритамот, остана истата. Таквата игра им даваше резултат, ги користеа грешките на домашниот состав и поведоа со 16-13 во 29 минута од мечот. Исклучениот играч и празниот гол беа клучни за битолчани на одмор да заминат со предност од 18-14.
Во првите 10 минути од вториот дел, гостинскиот состав водеше со 4-5 гола разлика. Но, натпреварот почна да добива ритам, а Алкалоид намали на 18-21 во 40 минута. Но, клупата на Алкалоид доби 2 минути исклучување.
Тензиите се зголемија, а судијата Димитар Митревски во следниот напад му додели црвен картон на тренерот Кирил Лазаров во 40 минута.
Алкалоид намали на 19-21 во 42 минута, а минута подоцна Џонов погоди за 20-21 и одново се отворија многу опции за конечниот исход. Но, следниот напад беше лош, потоа добија ново исклучување и се вратија чекор назад домашните ракометари.
Гостинскиот состав го искористи моментот, ја врати предноста од полувремето и потоа беше полесно за нив, затоа што и време почна да работи во нивна корист.
На неполни осум минути до крајот, Пелистер водеше 25-21 и веќе ја имаше заверено победата. До крајот мечот беше борбен, но без резултатски притисок врз двата тима.