Последен домашен меч на Алкалоид, гостин е ГРК Охрид

Македонската Суперлига влегува во својата последна фаза во која ќе се одиграат последните натпревари пред да биде спуштена завесата.
Новиот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, екипата на Алкалоид денеска ќе го игра последниот натпревар пред своите гледачи оваа турбулентна и за нив преуспешна сезона.
Гостува екипата на ГРК Охрид, а натпреварот нема да има резултатско значење што може да смени големи работи на табелата. Алкалоид првенството ќе го заврши на третото место, но охриѓани имаат уште еден голем предизвик пред да биде свирен крајот на сезоната.
Важноста на натпреварот ја дополнително ја намалија гостите кои најавија дека во Скопје нема да дојдат со првиот тим.
Охрид во следниот меч се среќава со ГРК Тиквеш, а тој меч има тежина на бараж за директен пласман во ЕХФ Европскиот Куп следната сезона.
Клубот оцени дека ќе им биде потребен секој атом од силите за пресметката со кавадарчани, па денеска ќе го жртвуваат дербито во Автокоманда.

Натпреварот почнува во 18:00 часот, последен меч на домашен терен секогаш носи и нота на свеченост, па иако продолжениот викенд и топлото време буквално го испразнија градот, очекуваме и овој меч на Алакалоид да биде добро посетен.

Поврзани вести