Охрид го задржа „дијамантот“, Трајчески доби договор со првиот тим

Македонија го нема луксузот на скандинавците или другите големи држави талентите да ги лови во море на играчи. Македонија има толку малку ракометари што е своевиден спортски феномен како се одржува на сцената и го држи рејтингот и чекорот со земји во кои има регистрирано и по 200-300.000 ракометари.
Но, одвреме навреме, на оваа плодна почва ќе се појави талент во кого вреди да се инвестира и кон кого ќе бидат вперени рефлекторите уште од раната возраст.

Таква спортска приказна сега ни доаѓа од Охрид.
Покрај сите големи трансфери главно на странски и понекој домашен играч што сезонава се направени во ГРК Охрид, клубот во кој ќе дојдат многу познати имиња, денеска објави и еден мал трансфер.
Но, од наш агол, овој трансфер е најголемиот и најважниот што ГРК Охрид го направи летово. На 14 годишното момче со име Илија Трајчески му понуди тригодишен договор со првиот тим. Долго време слушаме за ова момче, важи за вонсериски талент.

Илија Трајчески е висок 194 см и годинава доминираше во пионерската конкуренција, каде што ГРК Охрид стана првак. Има висина, има знаење соодветно за возраста.
Со овој трансфер ГРК Охрид на себе презема огромна одговорност да го обликува во ракометар што ќе остави печат во македонскиот ракомет. Добија талент, потпишаа три години и отворија проект во кој Трајчески треба да го претворат од најголемиот талент во врвен играч.

Трајчески не е единствениот во Охрид за кого се предвидува убава иднина, имаат уште ракометари, имаат и добри тренери и влегоа во мисија во која не смеат да потфрлат.

Поврзани вести