Вардар и Е. Пелистер во директна битка за шампионскиот пехар

Photo: GRK Ohrid

Вечерва во „Јане Сандански“ ќе биде доделен шампионскиот пехар за сезоната 2024/25. Не се знае само кој ќе се радува, РК Вардар 1961 или РК Еурофарм Пелистер?


Денеска е денот кога ќе биде одлучено која екипа ќе биде новиот првак на Македонија. Дали тоа ќе биде РК Вардар 1961 или пак РК Еурофарм Пелистер, ќе имаме можност да видиме на најубавиот начин, а тоа е со директен дуел меѓу двата ривала.
Ова е последниот меч од првенството за двата ривала, а во моментов, двете екипи имаат по 19 бодови. Меѓусебната средба што се играше во Битола, заврши со победа на Вардар од 35-34.

Според пропозициите на РФМ, тоа значи дека победа или нерешен резултат ќе го промовираат Вардар во првак. Победа на Е. Пелистер значи дека титулата останува во Битола. 

Но, во пресрет на ваков сѐ или ништо натпревар, минатите дуели се битни единствено во пребројувањето на гол разликата. Пелистер секако има доволно кадарен состав за победа, иако нивната форма евидентно беше подобра на почетокот на сезоната кога под водство на Раул Алонсо играа во Лигата на шампионите. Во оваа, најважната фаза, формата на битолчани и стилот со кој играат, е вредно за активирање на алармот во клубот.

Вардар од друга страна, под водство на Милано реди само победи и резултати што му одат во полза. Успешно се извлече на двата дуела со Алкалоид, во Автокоманда и во полуфиналето на Куп на Македонија, победи во Битола, а тоа беше доволно за создавање на победнички амбиент во клубот, зголемена самодоверба, а тоа се елементи што во дерби меч се важни адути.

Натпреварот почнува во 19:30 часот, а РФМ ја прекина новата пракса судиите да се добиваат со ждрепка, па со делегирање ги одреди Начевски и Николов да го водат овој натпревар.
 

Поврзани вести