Е. Пелистер останува македонски шампион!

Photo: Robert Spasovski/Ekipa

ВАРДАР 1961 – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 30-32 (17-15)
Борозан 8, Срдановиќ 7 - Кузмановски 7, Хосни 5, Пешевски 5, Тајник 5

Еурофарм Пелистер останува македонски шампион. Зелениот хет-трик титули беше реализиран денеска во салата „Јане Сандански“ на директниот дуел со екипата на Вардар 1961


Е. Пелистер го совлада Вардар во решавачкиот меч за титулата и останува македонски првак и претставник што ќе се бори за местото во Лигата на шампионите.
Дербито за титула ги оправда сите епитети, решаваа нијанси, голмански одбрани односно (не)реализирани седмреци.

Големиот влог на овој натпревар ги направи повнимателни екипите на почетокот на средбата. Домашните со рецептот од Ф4 во Охрид, гостите со рецептот од последниот меч во Автокоманда. Барем во поглед на поставата во која го немаше тимскиот лидер Филип Кузмановски, во поглед на играта, се движеа доста побрзо.

Гол за гол, во еден дел Е. Пелистер го контролираше резултатот, во еден дел Вардар 1961 беше во водство. По 10 минута почнаа и ротации во играта, се врати на теренот и Кузмановски и полека мечот доби своевиден ритам во кој и двата тима немаа поддршка од голманите.
Во тек беше 18 минута кога одбраната на Вардар прочита два слични напади на гостите. Пресекоа топки и во контра напад поентираа Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ, па Вардар одеднаш стигна до плус 13-10.
Следеа уште два промашени напади на гостите по што водството стана и 15-10. Но, не успеа Вардар да го прекрши овде натпреварот. Гостите останаа ладни, успеаја да врзат серија од 3-0 и на крајот на одмор да заминат со само два гола негатива (15-17).

Во второто полувреме по само седум минути игра одново беше нерешено. Вардар, сепак, го одбрани првиот бран и продолжи да го контролира резултатот се до последните 10 минути. Одлична партија и дефанзивно и офанзивно играше најкритикуваниот ракометат во битолскиот состав, Усама Хосни, а во второто полувреме критични одбрани имаше Никола Митревски, па во финишот се влезе со резултатски егал. Вардар последен пат водеше 27-26, во 55 минута. 

Имаат материјали за анализа и двајцата тренери, но финално ќе остане забележано дека Вардар своите шанси ги промаши од седум метри. Крсманчиќ и Срдановиќ промашија пенали во финишот на натпреварот што го турнаа Е. Пелистер кон шампионскиот пехар.

Поврзани вести